Речиси нема зграда во Будва во која нема стан во сопственост на турски државјанин, а турските компании што се основаат во Црна Гора сѐ повеќе се јавуваат како инвеститори во градежниот бизнис, пишува „Вијести“.

Во текот на годинава во Будва ќе биде продаден недвижен имот во вредност од околу 130 милиони евра, што е највисоко ниво во последните пет години. Благодарение на ова, во општинската каса на Будва ќе се слеат три милиони евра по основа на наплатен данок на промет на недвижности. Петтина од овие приходи одат во корист на државната каса. Сепак, Будва останува на лидерската позиција од приморските градови според прометот на недвижности и градежништвото.

Преродбата на овој пазар се должи на сѐ поголемиот број купувачи од Турција, а само годинава тие станаа сопственици на повеќе од сто станбени единици, на деловен простор или на земјиште. Во 2016 година имало пад на продажбата на недвижности, за кои биле склучени 2.399 договори, а било платено данок во висина од 1,07 милион евра. Заживување на пазарот на недвижности во Будва имало во 2017 година, со 2.221 склучен договор, но со повисок уплатен данок од 1,8 милион евра.

Најголем интерес има за изградба на станбени згради, апартмански комплекси, вили, како и помали и поголеми луксузни хотели. Годинава ќе биде остварена и рекордна наплата по основа на комуналии, а само во изминатите два месеца биле склучени договори во вредност што е повисока од три милиони евра.