Цевката од гасоводот „Турски тек“ ќе помине низ Бугарија, а одредени количества гас ќе можат соодветно да се тргуваат, но тоа ќе биде прашање на детали и технички решенија, кои ќе станат јасни во текот на самите разговори, изјави Теменужка Петкова, бугарската министерка за енергетика во емисијата „Здраво, Бугарија“ на НОВА.

Таа нагласи дека лично присуствувала на сите состаноци на Бојко Борисов во Русија, и со рускиот премиер Дмитриј Медведев и со претседателот Владимир Путин.
– На таков состанок, на толку високо ниво, еден премиер и еден претседател не можат да седнат, да ги извадат празните листови хартија и да почнат да ги дефинираат правците и количествата за испорака на природен гас – рече Петкова.
Таа истакна дека овој пат грешките направени со „Јужен поток“, кои не се во согласност со правилата на ЕУ, ќе бидат избегнати бидејќи „концептот на дистрибутивен центар за гас на територијата на Бугарија е проект на кој се работи заедно со Европската комисија.

Секоја година низ Бугарија транзитира околу 17 милијарди кубни метри гас. Бугарија треба да ја задржи стратегиската позиција на европската гасна мапа, и да не дозволи да бидат заобиколени од големи инфраструктурни проекти – рече таа.
Петкова е категорична дека изградбата на дистрибутивен центар за гас ќе гарантира сигурност во снабдувањето и либерализација на пазарот на природен гас во Бугарија, бидејќи земјата ќе може да прима гориво од различни извори, а исто така има и платформа за тргување што ќе создаде вистински услови за конкуренција.
Петкова рече дека ваквите стратегиски важни проекти за Бугарија треба да бидат целосно во согласност со европското законодавство.
Според министерката Петкова, исклучително е важно да се изгради нуклеарната централа „Белене“.
– Најлошото и негативно сценарио е да не се прави ништо за проектот. Втората опција е да ја продадеме опремата што е многу малку веројатно. Третата опција е да развиеме проектот – заклучува таа.