Во Казањ се игра најсилниот женски турнир во историјата и со рекорден награден фонд од 200.000 евра. Победничката ќе ја предизвика актуелната и 17-та по ред светска првенка, Ју Венјун од Кина, во меч за награден фонд од 500.000 евра

Младата 20-годишна Русинка, Александра Горјачкина (2.522 рејтинг-поени), која во 2015 година со екипата на Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал на женскиот Европски клупски куп (ЕКК) во Скопје и Грузијката Нана Џагнидѕе (2.510), водат со по 1,5 поен, по 2-то коло на Турнирот на кандидатките за предизвикувачка на светската првенка. Турнирот се игра во рускиот град Казањ во 14 кола (двокружен систем), во конкуренција на осум шахистки. Прворангирана пред турнирот е Украинката Марија Музичук (2.563).

Во 1-то коло сите четири партии завршија со реми, а во 2-то коло Горјачкина ја победи Русинката Валентина Гунина (2.345), а Џагнидѕе беше поуспешна од Украинката Ана Музичук (2.539). Поенот го поделија Кинезинката Тан Жонгуи (2.513) и Украинката Марија Музичук, односно Русинките Катерина Лагно (2.544) и Александра Костењук (2.546).

Ова е наедно најсилниот женски турнир во историјата и со рекорден награден фонд од 200.000 евра. Победничката ќе ја предизвика актуелната и 17-та по ред светска првенка, Ју Венјун од Кина (титулата ја освои во мај, лани), во меч за награден фонд од 500.000 евра. Од тие што играат сега во Казањ, светски првенки веќе биле Александра Костењук (2008-2010), Марија Музичук (2015-2016) и Тан Жонгуи (2017-2018).
Табела по 2. коло: ВМ Горјачкина 1,5, ВМ Џагнидѕе 1,5, ВМ Костењук 1, ВМ Тан 1, ВМ М. Музичук 1. ВМ Лагно 1, ВМ А. Музичук 0,5, ВМ Гунина 0,5 поени.