Пристапот и стратегијата на јужниот сосед во преговарањето за името целосно ја исцрпуваат суштината на горниот наслов, преземен од терминологијата за преговарање од преку барата. Тоа нагласено е присутно и во сегашниот процес, иако нашите надлежни во преговорите се крајно попустливи, љубезни и очекуваат достоинство и од другата страна, која, пак, како и секогаш е крајно конкурентна, борбено настроена, очекувајќи победа – туркајќи нѐ во морето. Одговорот на прашањето каква е улогата на меѓународната заедница во настанувањето на овој проблем е сосема јасен. Таа ги постави новите „правила“ на играта, а ние не се снајдовме најдобро во таа игра со такви правила. Лутаме и денес.

По распаѓањето на комунизмот, заради тенденциите за создавање на новите држави и правата на малцинските групи во нив, се очекуваа сериозни конфликти, па во политичките одлуки на меѓународната сцена се стави приоритет на принципот на мирно средување на конфликтите, пред другите принципи на меѓународното право, какви што се самоопределувањето и суверенитетот. И денес сѐ уште не знаеме или, пак, зад тоа ја криеме нашата неспособност, дали тие определби се наоѓаат во основата на Лисабонската декларација од 1992-та, со што се измени суштината на одлуката на Арбитражната комисија на Бадентер, а не го знаеме и одговорот дали претставниците на ЕЕЗ/ЕУ заради тоа консензуално „одработија“ за грчките интереси.

Може да се претпостави и дека изменетата голема слика на меѓународната политичка сцена другата страна умешно ја искористи да го наметне ирационалниот (глупав) спор/конфликт. И денес опстојува дилемата како да излеземе од тунелот – преку преговарање или по правен пат. Проблемот го усложнуваме бидејќи имаме сериозен дефицит на знаење за преговарањето, потоа за тоа како се утврдуваат националните, а како државните интереси во држава што гради мултиетничко општество, како се стигнува до консензус, што е компромис и сл.

Еве само неколку примери што се од понов датум, а го потврдуваат споменатото. Еден професор по меѓународно право, по чија иницијатива се отвори проблемот пред Меѓународниот суд за правда околу Привремената спогодба, сега ни кажува како да се реши проблемот за името, залагајќи се за додавка на нашето име, а притоа ја испушта од вид промената на називот на северната покраина на соседот, која се именува со Македонија. Не треба сега да се занемари оваа логика на овој наш професор. На студиите за право не знам дали се изучува математика, ама се знае дека секој учел математика во основното училиште. Сигурно дека наставниците на сите им кажуваат дека разликата се бара меѓу два, а не од еден број. Според логиката на нашиот професор, прашањето до него е зошто не ја побара разликата само кај името на северната покраина на соседот, туку ја бара само кај нашето име.

Тој натаму продолжува дека со еден амандман таа додавка треба да се вгради во нашиот устав и проблемот е решен. Така тој јавно го брани туѓиот за сметка на нашиот национален интерес, а оние ТВ-водители спроти него тоа не го разбираат. Друг професор од истата специјалност нѐ убедува дека не се барало никаква промена во Уставот, туку во насловот на Уставот, и тоа одложено. Такви „научни“ бисери јавно искажани кај другата страна не можете да пронајдете. Очигледно е дека овие професори и сега се советници во Владата околу преговарањето за промена на името, што се потврдува со идентичноста на нивните со ставовите на надлежните. А што е лошо во тоа? Очигледно е дека сите тие подобро пливаат во водите на партизанската политика и право отколку во науката и реалната политика, бидејќи не знаат не само што е нашиот национален интерес туку и што е консензус, компромис, со што одработуваат против интересите на нивните граѓани. Според филозофијата на некои блиски новинари до нив, нашата инфантилна наука го инфантилизира народот.

Првиот од професорите беше и во тимот што ги бранеше интересите на Македонија пред Меѓународниот суд за правда во Хаг. Судот донесе одлука што не ни овозможи прием во НАТО и во ЕУ, што беше спротивно на очекувањата на овој професор. За тоа тој примил солиден надоместок, а работата не ја заврши како што ветуваше. А залудни беа и ангажманите и парите за надворешните експерти. Што е тука – тука е! Каква ни е науката, таква ни е политиката. Трагично е тоа што продолжува практиката на партиска поддршка на владата на исти поединци што не испорачуваат резултати, а сепак им се исплатуваат дебели парични надоместоци. Така проблемите остануваат нерешени и им се оставаат на идните генерации.

Вториот случај е расправата меѓу заменик-премиерката и министерка за одбрана, од една, и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, од другата страна, во емисијата „Акцент“ на Македонската телевизија од 10 мај годинава. Дел од расправата беше околу тоа дали е или не е запозната опозицијата со текот на преговорите за името. Проблемот се гледа од небо, а двајца претставници од двете најголеми партии, едната на власт, другата во опозиција, расправаа за своите постапки, напаѓајќи го другиот за истите постапки. Според состојбата, опозицијата навидум е во право, бидејќи станува збор за највисок национален интерес за кој никој во државата нема никакви ингеренции да преговара без претходен консензус. За да почне преговори со другата страна, Владата требаше да свика состанок со сите поголеми партии, на кој мораше да се постигне консензус за определен предлог, па потоа да влезе во преговори.

А што направи Владата? Го овласти премиерот или, пак, тој како слободен стрелец, можеби охрабрен од страна, настапи во Давос со предлог за додавка на името, промена на називот на аеродромот и на автопатот. Со тоа ја ослабна својата позиција во преговарањето и најави губитнички исход. А потоа, по враќањето од Давос, се сети на консензусот, всушност побара бланко-карта, која ја доби. Немам коментар, освен да ве потсетам дека другата страна во спорот постапи спротивно на нас. Пред да го подготви текстот од 30 страници, оствари исцрпни расправи и собираше ум од опозицијата, но и од науката, и така постигна консензус, најавувајќи ја добитничката позиција. И покрај сѐ, сепак и кај нас постои премолчен консензус меѓу позицијата и опозицијата. Она што ВМРО-ДПМНЕ секидневно ни го соопштува, дека не се согласуваат со промена на Уставот заради промена на името, значи прифаќање промена на името, а за промената на Уставот веројатно ќе дадат согласност подоцна.

Поентата ни беше да укажеме дека имаме сериозен дефицит на знаење и негово обединување (а постојат и други интереси), тренд што упорно останува непроменет, со што одработуваме за интересите на другата страна. За да останеме сега на брегот и да не ѝ дозволиме на другата страна да нѐ потопи во морето, моменталната ситуација во преговорите е многу поволна, само ни треба соломонски мудра одлука, со која туркањето треба да го претвориме во сила со која другата страна ќе се најде каде што нѐ турка. Само така ние нема да бидеме виновни за неуспехот. Сепак, по Сунио, крај Атина, не треба да се надеваме на промени на нашиот пристап, кој од почетокот на преговорите е далеку од креативен и целосно надвор од законитостите за преговарање. Треба да очекуваме наши натамошни отстапки, недостоинствен и губитнички исход, со кој СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ни ја одземат слободата за нашето историско право, да се изјаснуваме и во нашата држава за идентитетот како што чувствувале тие пред нас, ние денес и утре идните генерации. Така понижени и турнати во морето од нашите атамани и нивните верни следбеници ќе влеземе во НАТО. Вреди ли сега да се направи ова жртва на квалитет, кога влезот во ЕУ е далечен и неизвесен, а притоа да се загуби и покрај тоа што имаме шанса да го добиеме мечот!?

(Ѓорѓи Трипков)