Благородна Тодоровска Никодиноска и нејзината врсничка Едита Соколовска се сеќаваат на средношколските денови / Фото: Игор Бансколиев

Ученици од учителската школа „Никола Карев“ одбележаа 60 години од матура

На 30 септември се навршија 60 години од матурирањето на учениците што ја завршија учителската школа „Никола Карев“ во Скопје. Всушност, тие беа втора генерација што го заокружува своето средно стручно образование во таа 1961 година, бидејќи една генерација заврши регуларно во јуни, а тие во текот на летото ја завршија петта година и веќе на 1 октомври беа распоредени во селата и градовите низ цела Македонија како учители.
Благородна Тодоровска Никодиноска (79) и нејзината врсничка Едита Соколовска се потсетија на тие убави младешки денови.
– Зградата во која учевме, некогашната турска гимназија „Идадија“, а подоцна Учителска школа, за жал, веќе ја нема, беше урната за време на катастрофалниот земјотрес во Скопје, но, ете, зачувани се само вратите низ кои стотици млади, храбри, амбициозни луѓе тргнаа да ја извршат својата мисија и да образоваат ученици и во најзафрлените села во Македонија. Таа есен во далечната 1961 година, како јато фламинга со своите широки крилја, полетавме да ја прегрнеме Македонија, нејзините села под Бабуна, Јабланица, Шара, Козјак, Герман… А таму нѐ пречекаа со срдечно добредојде и со радосни восклици: „Ни дојдоа учители, младите учители ни пристигнаа“! Заживеаја училиштата, се огласи ѕвончето, а децата им ги оставија стадата, бавчите и нивите на постарите и се посветија на учењето. Ние во тие мигови сфативме дека само што ги напуштивме училишните клупи, сега стоиме на местата на нашите учители. Со голема љубов и макотрпна работа создадовме 10-12 генерации што денес се работна сила, во земјата, но и интелигенција што води напред. Изминатите шест децении поминаа низ нашите животи за миг, испишавме 60 страници во нашите животни дневници, и тоа на мајчин македонски јазик – вели Едита Соколовска.

Таа, по завршувањето на Учителската школа, добива вработување во Кумановско, каде што работи во повеќе села, едуцирала и деца без родители, а потоа се вработила во основно училиште во Шуто Оризари, во Скопје, каде што останала сѐ до пензионирањето.
Благородна Тодоровска-Никодиноска била една од најдобрите ученички во својата генерација, поради што била ослободена од полагање матура. Активно учествувала во повеќе секции, а се занимавала и со спорт.
– Првото вработување ми беше во селото Белимбегово, Скопско, каде што учев деца од прво до четврто одделение. Секој ден патував со воз. Подоцна се префрлив во Скопје во неколку училишта, завршив Виша педагошка школа, одделенска настава, а подоцна и Педагошки факултет, по што станав училишен педагог во ОУ „Ј.А. Коменски“ во Скопје. Подоцна, сѐ до пензионирањето, бев републичка инспекторка за образование, авторка на повеќе учебници и дел од разни проекти, а објавив и книга со творби за деца – вели Никодиноска.
Иако се во третата доба, и Едита и Благородна сѐ уште со жар зборуваат за својата професија, горди што на прав пат насочиле многу генерации.
– Иако бевме во различни класови, се знаевме со Благородна. Се сеќавам, таа беше многу активна младинка и прва во сѐ. Кога се сретнавме по многу години, се пошегува дека јас цел живот работев во „базата“, а таа напредуваше на повисоки функции. А мене како учителка ми беше многу важна мотивацијата на децата, претежно Роми, да доаѓаат на настава, па секојдневно им најавував што интересно ќе правиме следниот пат. Притоа се раководев од примерите на познатата Марија Монтесори, практика што ја негував сѐ до пензионирањето – ни рече Едита.

Од прославата на матурската вечер во септември 1961 г.

Благородна, пак, ни откри дека и за време на работата како инспекторка, речиси во секое училиште што ќе го посетела наоѓала свои сокласници.
– Често ме среќаваат и возрасни луѓе на кои сум им била учителка или ме паметат како педагог од „Ј.А. Коменски“. Тие средби ми се многу драги – вели таа.
Според Тодоровска-Никодиноска, заслужни за нивниот успех се нивните професори, кои не само што им го пренеле своето знаење туку со својот пример им покажале како да се однесуваат со учениците. Се разбира, како и на сите ученици и за нив незаборавни се првомајските излети во Сарај и во Матка, училишните екскурзии низ некогашна Југославија. Во тоа време многу актуелни биле и работните акции, па голем број ученици биле и вредни акцијаши. Но како и сите млади луѓе сакале и да се забавуваат: членувале во разни спортски секции, пееле во хор, свиреле на разни инструменти во училишниот оркестар.
– Многу им се радувавме на игранките, а одевме и на кино. На матурската вечер во Домот на армијата ни пееше Зафир Хаџиманов, кој беше на слична возраст како нас. Се разбира, корзото беше неизбежен дел од нашите животи. Ама таму имаше ред, средношколците шетаа од плоштад до Стара железничка, студентите лево, а дипломираните од десна страна, па ние девојчињата знаевме да се искрадеме и да завртиме понекој круг и откај студентите – ни откри Благородна.
А во алманахот по повод 50-годишнината од матура, во чија изработка учествуваше Благородна, заедно со Живко Лефтеровски-Петрушевски, за оваа генерација е запишано: „Работевме без часовник и дење и ноќе, затоа што Македонија очекуваше многу од нас“.

На една од многубројните екскурзии