Аренби-двоецот од „ДНК“, Панчо и Андреј, по 16 години присуство на домашната музичка сцена, вечерва ќе имаат тројна промоција. Во 20.30 часот во хотелот „Парк“ ќе ја претстават својата нова песна „Дијамант“ и спот за неа, чии автори се Панчо и Лазар Цветкоски. Ќе биде промовиран и нов студиски материјал, цедето „The best off“ и ДВД од концертот одржан лани во арената „Метрополис“ во Скопје, по повод нивниот јубилеен роденден – 15 години „ДНК“.

Дел од албумот „The best off“ се 22 веќе чуени теми, меѓу кои се: „Авион“, „Стојам сам“, „Невозможна мисија“, „Пази се од мене“, „Таа тоа го крие“, „Полна месечина“, „Навлечен на тебе“, „Она е од Шутка“…, и „Дијамант“ како бонус лента.
– Ќе ни биде чест и задоволство доколку бидете присутни на овој за нас посебен ден – велат момците, додавајќи оти искрено веруваат дека сето спакувано ќе им се допадне на нивните обожаватели, кои во сите овие години неизмерно ги поддржуваат.