На летните денови им се ближи крајот, започна новата учебна година, а со неа почнуваат нови обврски и задачи, поради кои набргу ќе заборавиме на убавото лето, морето и одморот. Но со мали декоративни промени, можеме во домот да внесеме дел од морското доживување и уживање. Секогаш можете да внесете парче морска атмосфера во вашиот дом со помош на најразлични украсни предмети, како што се школките и морските ѕвезди, мебел или бои на Медитеранот.

Можете да одите еден чекор подалеку и во домот да си поставите тркалезни прозорци, како оние на бродовите, кои навидум ќе ја претворат обичната просторија во зачудувачки простор. Така, можете да си создадете илузија на крстосување и чувство како да сте сѐ уште на одмор.
Бидејќи тркалезните прозорци се достапни од различни материјали и во различни големини, на вашиот дом можат да му додадат целосно уникатен шарм и однатре и надворешно. Но како ќе знаете дали и на кој дел од домот одговара тркалезен прозорец?

Бањите се најидеалните простори за поставување тркалезни прозорци. Нив можете да ги поставите и на скалилата, така што ќе ви служат и како дополнителен извор на светлина при преминување на нивоата. Со нив ќе создадете илузија за поголем простор.

Друго место каде што би поставиле тркалезен прозорец е таванот. Со таквите прозорци на таванот ќе се создаде забавна илузија со сонцето на небото.
Многу сопственици на куќи овие прозорци ги користат како уметнички дела.
Во зависност од пејзажот што ве опкружува, без оглед дали гледате на прекрасната плажа или езеро, или градските светла, голем тркалезен прозорец може да стане фокусна точка во секоја просторија, особено во дневната соба.
Меѓутоа, постојат неколку фактори што сопствениците на домови треба да ги земат предвид пред да инсталираат тркалезен прозорец.

Овие прозорци се добар избор доколку ги користиме за естетски цели. Можат да изгледаат одлично во тематски уредена просторија, но тие не можат многу да ви користат. Дистрибуцијата на светлина е минимална и не можете правилно да ја проветрувате просторијата. Во итни случаи, како на пример пожар, потребен ви е доволно голем прозорец, кој ќе биде поставен доволно ниско за да поминете. Ако размислувате да инсталирате тркалезен прозорец, не заборавајте да вклучите барем еден поголем класичен прозорец во вашата соба.