Три не + една судена професија

Неодамна, честитајќи ми го роденденот, неколку мои пријатели ќе се потсетеа дека токму на истиот ден е роден нивниот татко или мајка. „Навистина? Баш убаво“, реагирав лицемерно, а во себе се прашував: „А зошто да не се сетат дека на овој ден им е родено детето, или барем помладиот брат или сестра?“. Но иако се храбрам дека сум младолик по дух и по изглед, факт е дека наполнив 66. Со букви – шеесет и шест години!

Навечер, додека се трудам што побрзо да заспијам, дозволувам да ми минуваат низ главата секакви мисли. Сношти заспав мислејќи која професија, освен оваа сегашната, би можела да ме исполни. Почнав со три со кои сум се занимавал аматерски, но со извесен успех: биологијата, свирењето рокенрол и режирањето. Во однос на професијата што ја избрав за доживотна, книжевната, овие три можни од младоста ми носеа многу поочигледни добивки (сојузни и меѓународни награди, прво место на топ-листите, непосредни искуства од секаков вид…). Можам да си признаам дека тогаш се доживував непосредно (на сцената, концертот, натпреварот) како дел од еден поголем проект, тим, целина. И дека верував во сродноста, автентичноста, фамилијарноста на истомислениците.

Сепак, ја одбрав книжевноста. Иако знак, видлив, дека ова време не е наклонето на книгата не е во опаѓањето на бројноста на отпечатените книги и оние што ги пишуваат (ги има премногу!), туку во опаѓањето на читателите и читателската култура. Како да не важи луцидата на Бродски: „Постојат злосторства потешки од палење книги. Едно од нив е да не читате книги“. Денес да не се чита книга, за жал, не се смета баш за злосторство. Читателите си заминуваат – некои од овој свет, некои во странство, некои на Фејсбук. Што сепак не значи дека нема суверени читатели – ги има – па и најосамениот писател може, ако го заслужува тоа, да си најде сѐ уште убаво друштво.
Сонливо ги прочешлував можните перспективи на „изгубените“ професии. Спореди, помислив, еден остарен рокенролер со џезер или шансониер, на пример, со Кит Џарет или Лионард Коен. Кутриот рокенролер, толку наместено и несоодветно се тетерави по сцената! Не може а да не го поддржуваш, зашто ти бил идол кога и самиот си вкусил залак од рокерската слобода, но рокенролот тогаш и естрадата денес се две сосема оддалечени нешта. За кариерата биолог и режисер, пак, е потребно долготрајно чекање на „вистинскиот миг“, преку макотрпни усогласувања со (не)можностите на средината, а индивидуализмот трпи последици (компромиси) од авторитети од различен тип.

Сепак, си помислив на преминот во царството на соништата, не сум направил лошо што ја одбрав литературата. Професија можеби потценета, гласот на писателот сѐ понечуен во ова диригирано, глобализирано, политизирано современие, а бројот на читателите… Но ако влезеш во тој свет, нема прашање дали ќе продолжиш. Кога пишуваш, кога го работиш пишувањето – како во јогата, пливањето или возењето велосипед – само внесеност и разоткривање!

Антиупатства за лична употреба