Скопскиот попрок-бенд „2-Бе“ дебитира на македонската музичка сцена со „100 песни“. Комплетен автор на нивниот прв сингл е Ѓорѓи Крстевски, со неговата продукција „Kрстевски ентертејмент аудио и видео“, која го изработи спотот за оваа песна. Триото го сочинуваат Љупче Стојановски, гитара и вокал, Тино Стојановски, гитара, и Синиша Зукиќ, тапани и кахон. Ова е нивна прва авторска песна по многубројните кавер-преработки на домашни и странски песни.

– Веќе подолго време работиме на наша авторска музика, но, сепак, одлучивме првата песна да му ја довериме на докажаниот автор Ѓорѓи Крстевски. Со него првпат соработувавме кога му се обративме со желба да направиме кавер на неговата „Посилни од сѐ“. Потоа со „Крстевски ентертејмент аудио и видео“ реализиравме два спота за наши кавери и ова е наша прва авторска аудио-видеоприказна – велат момците од „2-Бе“.
Интересно за видеото е што е снимено во едно движење со теxниката „уан тејк“ и е еден од ретките такви спотови реализирани во Македонија. Освен членовите на бендот, во видеото се појавува и Ени Вучидолова.