По настапите пред повеќе од милион обожаватели низ целиот свет, на 14 ноември во арената „Борис Трајковски“ публиката ќе има можност да ужива во настапот на еден од најдобрите трибјут-бендови на светот – „Брит Флојд“.
Членовите на групата се посветени на тоа да го оживеат култниот бенд „Пинк Флојд“ со секоја нота и секој потег, поради што заслужено се сметаат за нешто најблиску до оригиналот.

Во Скопје тие ќе донесат исклучително прецизен музички перформанс, придружен од неверојатно оригинално видео и анимација на препознатлива бина со пинкфлојдовскиот лак и светлосен круг. Публиката ќе биде дел од совршено аудио и визуелно доживување на легендарните песни од „The Piper at the Gates of Dawn“, па се до „Division Bell“.

Се разбира, ќе бидат изведени и песни од албумот „Wish You Were Here“, како и од легендарниот „The Dark Side of the Moon“, кој оваа година слави 45 години од објавувањето. „Брит Флојд“ доаѓа со своја продукција: звук, светло и видео.
Наскоро продукцијата „Авалон“ ќе објави детали за продажбата на влезниците за концертот.