Трибун, хронистерик, кловн (1)

Писателот и власта. Слободата и стравот. За разлика од забележливиот, поотворено или поприкриено, заедничкиот вишок на суета, писателите меѓу себе се разнообразни човечки суштества, па затоа и во нивниот однос кон власта постоела и постои лепеза од тактики, нијансирање, меандрирање. Сепак, покрај сите очигледни грешки и грубости својствени на генерализирањето, можат да се одделат три главни типа однесувања меѓу писателот и власта. Ги означувам како: Хронистерик, Трибун, Кловн. И во македонската литература може, не толку тешко, да се воочат (а и самите да се препознаат) овие три типа улоги и дејствувања што писателот ги има кон власта, а од коишто и самиот сум бил инспириран во некои свои поранешни раскази и антиупатства.

1. Хронистерик е позајмен од сложенката-поднаслов на романот „Данунцијада“ – хронистерија – на хрватскиот прозаик Виктор Цар Емин, инспириран од приказната за Кварнерската Република на Габриеле Данунцио, тој чудникав полис со кусо времетраење (1919-21). За време на мојата неодамнешна посета на Риека, на авторскиот фестивал „Врисак“, излегував на пуш-муабет на терасата на импозантната „Гувернерова Палача“, од каде што Данунцио ги држел своите пламени говори, тие повторливи, но за присутните тогаш веројатно единствени манифестации на локален гигантизам, за да потоа, зад палатата, во неговата приватна резиденција, со своите верни бригадири организира бесрамни оргии. Да не се заборави, Данунцио бил еден од најпознатите љубовџии на своето време (кој, како и Цезар и Пикасо, го поткрепува митот за потентните ќелавци) – впрочем, еротската хиперактивност понекогаш е виталистички поврзана со политичката амбиција – да го споменеме само примерот на Кенедиевци.

Освен како спој на „хроника“ и „хистерија“, збирниот поим „хронистерија“ (или во Еминовиот оригинал „кронистерија“) може во себе да го вклопи Хронос (Крон), голтачот на сопствените деца и неумоливото божество на времето, Сатурн во римската и астролошката верзија. Во новоизведениот поим на Емин се преплетуваат митолошкото и историското: во хистеричните времиња, „децата“ – продуктите на таквите времиња, често се проголтувани „преку ноќ“.
Данунцио во милитаристички занес, на чело на своите бригади, на прв поглед заличува незначително на авторот на суптилните стихови на Алкионе (Alcyone) или на декадентно-еротскиот истражувач во „Уживање“ и „Невин“, иако дионизиската екстатичност на ничеовскиот натчовек кај неговите следбеници, меѓу коишто спаѓа и Данунцио, може да се произнесе (во некоја квази моќ на животот над рациото) и како фашистичко-авантуристички продукт.

Како тоа, се прашувам, салонскиот декадент и блазираниот љубовник да се занесе или да се стрмоглави (зависи од која страна се гледа) во воен командант и радикален гласноговорник на толпата? Во случајот на Данунцио се споија аристократскиот декандентизам и фашистичката реторика. Навидум екстремна, ваквата преобразба не е толку ретка меѓу книжевниците, иако почетната социјална позиција на хронистерикот може да биде најразлична, од скитник до добростоечки господин. Хамсун, Езра Паунд, Горки и многу други, се примери на големи писатели кои својот книжевен авторитет го ставиле во служба, едни на фашизмот, други на комунизмот.
Ваквите, очигледни примери на писател-хронистерик неретко постојат во матната, хаотична балканска стварност. Балканскиот хронистерик си дозволува зголемена доза насилство во неговите искази, грубоста и навредливоста на неговиот речник заличува на онаа на најжестоките партиски борци. Понекогаш сме затечени, на пример, како еден лиричен, дури нежен поет може да користи говор толку исполнет со клетви и навреди. Едно од најблагородните човекови чувства, патриотизмот, се искривоколчува во ксенофобичност, од постојана напнатост и анксиозност до омраза кон неистомисленикот, различниот, туѓинецот. Ставајќи се во „служба на народот“, всушност во служба на одредена партиска пропаганда, писателот се откажува не само од својата иманентна „служба“ кон литературата, туку и ја стеснува, ја осакатува вистината. Еден од знаците на тоа осиромашување е хиперболизација на жанровите што претендираат кон историчност и актуелност – од (псевдо)историските романи до, особено, колумните. Соочен со сѐ помалиот интерес за книгата, писателот-хронистерик станува доброволна жртва на времето, од креатор станувајќи не толку манипулатор, туку оној кого што го манипулираат.

(продолжува)