Во организација на ЈУ градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, на 28 февруари, четврток, со почеток во 11 часот, ќе се одржи трибина посветена на детската литература во Македонија и актуелните состојби во образованието поврзани со изучувањето и читањето на литературата за деца.

На разговорите посветени на овој актуелен и суштествен миг во процесот на едукацијата на младото поколение ќе учествуваат претставници од Катедрата за Македонска книжевност, од Педагошкиот факултет, Министерството за образование и наука, Министерството за култура, градот Скопје, писатели за деца, новинари и наставници од средните и основните училишта, претставници од установите на предучилишна возраст, како и претставници од Советот на родители.

Сите поканети ќе учествуваат на оваа дискусија и со свои излагања, предлози и забелешки ќе ги образложат своите видувања за овој најчувствителен дел од процесот на образованието и богатството што го носи литературата за деца.

Трибината ќе има два работни дела. Во првиот дел би имало најмногу две воведни излагања и дискусија на присутните. Вториот дел на трибината следувал по паузата, со донесувања заклучоци од разговорите, кои подоцна во писмена форма ќе бидат доставени до надлежните институции, до медиумите и до јавноста.

На трибината, меѓу другото, ќе стане збор за актуелните состојби во образовниот процес во средните и основните училишта поврзани со македонската книжевност и литературата за деца, институционалната поставеност на процесот на образованието и застапените програми, каква е улогата на семејството и институциите на предучилишно образование во доближувањето на книгата до децата. Исто така ќе стане збор и за доближувањето на книгата до најмладиот читател, за тоа колку во Македонија се објавува литература за деца и со каков квалитет е таа и колку преводна литература е застапена во процесот на образованието.