Во просторот „Булевар на книгите“ на издавачката куќа „Матица ексклузив“ во центарот на Скопје денеска со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на третото издание на новелата „Ласа“ на авторката Наташа Димитриевска Кривошеевa. Книгата првично излезе 2010 година, а овој пат е збогатена со кратка рецензија, како предговор на сега веќе покојниот академик Ташко Георгиевски, што на ова трето издание му додава посебна вредност. Делото е дополнето со уште еден дел што најмногу личи на божиќен и велигденски бележник за уште грст нежни и емотивни спомени, а во книгата се поместени и некои од највпечатливите оцени, белешки и коментари на читателите за „Ласа“.

„Ласа“ е исклучително емотивна, вистинска приказна од почетокот до крајот. Во суштина, претставува своевиден прирачник за односот мајка – ќерка, кој, во третото издание, ќерката (авторка на книгата) уште повеќе го продлабочува, па така емотивната исповед добива нова димензија и на делото му додава сензибилизирана перспектива на разбирање на две мајки.

Приказната изобилува со факти и хроники за животот на Македонците од Егејска Македонија, опфаќајќи ги годините на домско живеење на децата- бегалци од Граѓанската војна во Грција како предодредница на нивните животни судбини.

– Поводот за реиздание на „Ласа“ е 10-годишнината од смртта на мајка ми. Секако, околностите се менуваат, но приказната е иста. Книгата, всушност, ја напиша мајка ми Ласа, а мојата улога е да ја раширам приказната. Јас сум само хроничар на фактите – вели авторката.