Оваа „фаза три“ од продажбата на билетите насловена како „продажба во последната минута“ ќе трае до финалниот натпревар на СП, на 15 јули и е според принципот „првиот што ќе дојде ќе биде услужен“

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ја почна завршната фаза од продажбата на билетите за натпреварите на Светското првенство (СП) во Русија. Оваа „фаза три“ од продажбата на билетите насловена како „продажба во последната минута“ почна во средата и ќе трае до финалниот натпревар на СП, на 15 јули. Билетите ќе можат да се купат според принципот „првиот што ќе дојде ќе биде услужен“.

Според ФИФА, 1.698.049 билети веќе се продадени низ целиот свет преку официјалната интернет-страница, почнувајќи од септември 2017 година. Повеќето од тие билети ги купиле руските навивачи (796.875), потоа оние од САД (80.161), Бразил (65.863), Колумбија (60.199), Германија (55.136), Мексико (51.736), Аргентина (44.882), Перу (38.544), Кина (36.841), Австралија (34.628), Англија (30.711) итн.
Специјалната „четврта категорија“, која е најевтина, ФИФА ја воведе во јули 2016 година и е резервирана за жителите на земјата-домаќин Русија. ФИФА, исто така, одвои билети за инвалидизирани лица и за лицата со ограничена подвижност во согласност со бројот на специјалните седишта на 12-те стадиони.

ФИФА воведе „идентификациска навивачка легитимација“, која би требало да одигра важна безбедносна улога за време на финалниот турнир во Русија, бидејќи само со неа ќе може да се влегува на стадионите, а ќе служи и како виза за странските посетители при влез во земјата. Таквите идентификации се задолжителни и заедно со купените билети се гаранција за присуство на натпреварите.
СП во Русија (од 14 јуни до 15 јули) ќе се одржува во 11 града и на 12 стадиони, и тоа во Москва (два), Санкт Петербург, Сочи, Казан, Саранск, Калининград, Волгоград, Ростов, Нижни Новгород, Екатеринбург и Самара.