проф. д-р Кирил Темков

На 22 април се одбележува Денот на планетата Земја, кога луѓето се потсетуваат дека грижата кон неа е основната задача на нашето постоење. Ние сме деца на мајката Земја. Нашата љубов, внимание и грижа треба да бидат свртени кон неа. Од Земјата земаме енергија, живееме во нејзините прегратки и од неа ја црпиме секојдневната сила. Ако сме добри и одговорни, ние ќе ја сакаме и ќе ја чуваме, со внимание ќе одговориме на подароците што таа штедро ги истурила пред нас. Од нејзината мајчинска града се напојувале милијарди луѓе, но и безброј други живи суштества. Со голема страст таа раѓала најразлични видови и единки, животот да биде побогат и поубав. Си ја даваше силата тие да можат да растат и да цутат, а животот се будеше секогаш нов и побогат. Но сето тоа почна да се менува кога најразвиените чеда на мајката Земја, луѓето, дојдоа до огромна моќ и ја употребија за да земат сѐ од неа.

Таа има сѐ повеќе лузни, водата што ја мие Земјата е загадена, сончевите зраци се сѐ поопасни, луѓето ги разнишаа озонските огради, кои бранеа да не изгори сѐ на Земјата. И воздухот веќе не е чист, луѓето секојдневно фрлаат огромни количества валкани и мрсни честички, опасни материи, отрови… Токму затоа, неопходно е да се грижиме за природата околу нас и за состојбата во која се најде планетата Земја и во вистинска смисла на зборот треба да се однесуваме кон неа како кон наша мајка, со љубов, почит и внимание. Според еколошката етика, човекот треба да има согледба и свест за иднината. Таа има повеќе цели и предлага разни дејствувања за заштита на животната средина. Главните цели и методи на еколошката етика се однесуваат на чистотата на телесното живеење и на мислите, на чувањето и подобрувањето на животните услови за сите суштества. Така, сознанијата на екологијата стануваат дел од моралот на човекот. Основната морална норма на еколошката етика е „Мисли глобално, дејствувај локално!“