Фотографија од изложбата „Девојките од Скопје“

Кога ги правев фотографиите на трансжените во Бангкок, изнајмувавме скапи хотелски соби со кетеринг и со шампањ. Тие таму се ѕвезди, суперхерои, религијата дури ги смета за возвишени суштества. Во Скопје, пак, девојките беа резервирани, некои од нив не сакаа да бидат фотографирани без перика од страв некој да не ги препознае, вели младата фотографка

Лепа Георгиевска, фотографка

Младата фотографка Лепа Георгиевска, која се едуцираше на Италијанскиот институт за фотографија во Милано, а потоа специјализира модна фотографија на Лондонскиот колеџ за мода, се претстави во Скопје со изложба на една, за жал, сѐ уште контроверзна и табу-тема кај нас – портрети на локални трансжени, „Девојките од Скопје“, отворена минатата недела во кафулето „Котур“. Серијалот следува по нејзината изложба на истата тема, „Убавиците на Бангкок“, која беше поставена во Бангкок и во Лондон. Изложбата во Скопје беше дел од Деновите за борба против насилството врз сексуалните работници што коалицијата „Маргини“ ги организира во партнерство со „Стар“, првиот колектив на сексуални работници на Балканот.

Изложбата „Девојките од Скопје“ е втор ваш проект што се занимава со трансродовоста. Претходниот прикажуваше девојки од Бангкок и ја виде публиката во Бангкок и во Лондон, но не и нашата. Зошто?
– Тука не постоеше интерес за тоа. Можеби ќе имаше интерес од публиката, но сама ќе требаше да го плаќам просторот. Тие фотографии се направени во 2016 година, а простор за изложување тука барав по една година. Барав простор од нашите музеи, од нашиве државни институции, барав и средства да се испечатат фотографиите во книга, но немаше слух за тоа. И „Девојките од Скопје“ требаше да биде книга, но немавме доволно девојки, само шест. Три од нив се подолго време во транзиција (медицинска транзиција/процес на потврдување на родот), а другите три се помлади. Сепак, за да се испечатат овие фотографии како книга, за жал, нема средства.

Иако и двете изложби, „Убавиците на Бангкок“ и „Девојките од Скопје“, прикажуваат една интимна и ранлива страна на моделите, сепак, постои разлика во начинот на кој се прикажани. Првите ги гледаме во нивните најгламурозни изданија, сместени во луксузен амбиент, додека нашите девојки се прикажани многу реално, речиси сурово…
– Да, сосема е различен пристапот. Убавиците од Бангкок се дури и средувани на фотошоп, додека, пак, девојките од Скопје не се. Тие иако се дигитални фотографии, се развивани по принципот на стари фотографии каде што светлите и темните нијанси играат голема улога. Тоа е така затоа што на таков начин ги почувствував. Најверојатно затоа што „Убавиците на Бангкок“ комплетно ја имаат завршено нивната транзиција и живеат луксузен живот таму. Некои од нив се и перфромери, драг-кралици што пеат и танцуваат. Во Бангкок таа сцена е особено голема и развиена и тоа им носи голема заработка и живеат на висока нога. Додека, пак, девојките од Скопје имаат одлична енергија во себе, но во однос на тоа во каква средина живеат, би било многу вештачки доколку ги претставев како девојките на Бангкок. И мислам дека убаво изгледаат и без фотошоп, затоа што тука некој би можел да помисли дека „тие изгледаат толку добро само на фотографија“, а всушност не е така. Тоа се тие. Нивната убавина и сексуалност ја извлековме преку движење, а не преку гламурозна шминка и фотошоп. Особено затоа што живееме во многу затворена земја каде што постои страв кај нив да бидат она што се.

Лепа Георгиевска

Досега сте се занимавале претежно со модна фотографија. Кога настанува потребата да се помести фокусот од модата кон портретна/интимна фотографија?
– Сѐ уште се занимавам со модна фотографија, фотографирам за дизајнери за модни каталози. Нема премин од едниот во другиот тип фотографија. Работев портретна фотографија за „Дисордер магазин“ во Лондон, а работев и на свој независен проект. Лондон е место каде што доаѓаат млади луѓе за да се пробијат. Одев по театри и барав млади луѓе што би сакале да им направам портрети. Со тие што сакаа се среќававме во паб, каде што беше дозволено да се фотографира, ќе седневме на некое изолирано место, зборувавме, фотографирав. Така и од „Дисордер магазин“ ме ангажираа и таму ги запознав и „Синк д пинк“, познати клупски деца, многу популарни драг-перформери со свое шоу. Тоа можеби беше и причина што кога отидов во Сингапур почувствував желба да го почнам проектот „Убавиците од Бангкок“. Оваа фотосесија не е социјална тема, едноставно станува збор за портрети на ликови од сцена што ми беше многу интересна, а која не е доволно фотографски покриена. Тоа е еден свет на фантазија, кој можеш да го живееш и како уметник. Целиот процес изгледаше многу луксузно. Изнајмувавме скапи хотелски соби со кетеринг и со шампањ. Инаку една девојка се расплака за време на снимањето. Имам навика да зборувам со моделите за нивниот и за мојот приватен живот, нешто што тука, за жал, не го направив. И кога оваа девојка ја прашав за мајка ѝ, таа се расплака. Во Скопје, пак, идејата за сличен проект се наметна во разговор со Славчо Димитров од коалицијата „Маргини“. Тој предложи да направиме нешто со локални девојки затоа што досега ова тука не се случило, потоа ме поврза со девојките, кои на почетокот беа резервирани, но откако се запознавме, веднаш прифатија да позираат.

Темата за трансродовоста сѐ уште е табу на овие простори, за жал, постои голема неинформираност и како резултат на тоа, дискриминација. Колку е потребна храброст да се влезе во еден ваков проект?
– Некако природно дојде тоа. Прво се запознав со Лила, па со Кристина, и тие веднаш прифатија. Тие сакаат да го прават тоа. Веќе бевме договорени и знаеја дека нема да бидат прикажани додека се шминкаат и облекуваат, дека не станува збор за документаристички пристап. Се договоривме дека ќе бидат портрети во студио, дека тие ќе дојдат подготвени, нашминкани, облечени. Немав никаков проблем додека работев со нив, позираа, сакаа да бидат пред камера, како професионалци, како некој што го работел тоа цел живот. Единствено „правило“ што требаше да се почитува беше желбата на помладите девојки, кои не сакаа да бидат прикажани без перика, затоа што имаа страв дека тука некој би ги препознал. Верувам дека е страшно за овие луѓе да живеат во вакво затворено општество. Мене, пак, ми е важно да ми се допаѓа тоа што го правам, ништо друго. Дури и да имало негативни реакции, најверојатно или сум ги заборавила или сум ги изигнорирала.

На каков начин влијаеја вашето живеење и работа во земји како Англија, Италија и Сингапур врз начинот на кој размислувате и ги создавате вашите концепти и уметност?
– Прво студирав фотографија во Милано, таму научив многу технички работи, имав одлично друштво и тоа ми недостига во Скопје, еден круг уметници, круг луѓе со кои се поддржуваме. Исто беше и во Лондон. Кај нас нема сцена, нема пари, а тие кругови уметници се голема инспирација. Италија ме научи да готвам, да се хранам здраво, да ја ценам уметноста повеќе. Одев постојано на изложби, таму уметноста ти станува реалност, сфаќаш дека можеш да ја живееш. Во Лондон, пак, конкуренцијата е огромна, градот е прескап и те учи да бидеш цврст, да бидеш креативен, да бараш контакти. Постојано се развиваш благодарение на тој притисок. Животот во Азија, пак, е целосно релаксиран и отворен, таму има толку различни бои, џунгла, мајмуни, егзотични птици, таму е како сон особено за човек што живеел во дождливиот Лондон. Сингапур ме научи да живеам. Е тука се случи пауза, која ме стави во изолација, така што супер ми дојде овој проект. Можеби и затоа што овие луѓе се маргинализирани, па се поврзавме на некој начин.

Како понатаму ќе се развива овој серијал? Дали би се обиделе со фотографирање други маргинализирани групи луѓе?
– Во Бангкок трансродовите луѓе воопшто не се маргинализирани, напротив, тие се доминантна група, најверојатно поради религијата, тие се будисти и таму се прифатени како суперхерои. Хиндуизмот и будизмот ги сметаат за возвишени суштества, а во Бангкок небинарниот род е и официјално признаен. Азија е местото каде што се најприфатени. Тие таму се ѕвезди. Инаку една од темите што многу ме погодува и што би сакала да ја фатам на фотографија е шовинизмот што владее во ова наше општество. Исто така, би сакала „Девојките од Скопје“ да ја изложам надвор, во Лондон или во Милано каде што познавам повеќе галеристи. Би било супер затоа што станува збор за актуелна и универзална тема за која ќе има публика.

„Убавиците на Бангкок“