Европа живееше долг и исполнет партнерски живот со Америка, но сега е време за нов почеток

Џејмс Трауб

Атлантската алијанса, изградена како контраодговор на Советскиот Сојуз по Втората светска војна, почна да изумира кога престана Студената војна. Она што го одржуваше во живот во изминатите три децении помалку беше стратегиската потреба отколку конвергентноста на вредностите, поточно вредностите на либералниот повоен поредок. Сега, постариот партнер во алијансата, односно САД, го загуби интересот за тие вредности. Алијансата веќе е труп во распаѓање, но Доналд Трамп го заби последниот клинец во ковчегот кога одлучи да се повлече од нуклеарниот договор со Иран.

Сега што ќе се случува? САД влегуваат од криза во криза, но Европа се соочува со поегзистенцијални прашања. Иако во неа имаше многу трње, таа беше протерана од градината што ја одгледуваше американската воена и дипломатска моќ и сега мора да изгради нов дом за себе. Европските дипломати, поранешни дипломати и академици се согласуваат со ова тврдење. Тие не се сигурни дали Европа може да се справи со притисокот.

Дали претеруваме што овој лош момент го претворивме во смртен? Можеби тоа ќе беше точно ако единствен проблем беше Трамп. Всушност, Европа престана повеќе да биде геостратегиски центар на светот кога исчезна заканата од Советскиот Сојуз. Хуманитарните кризи од наредната деценија ги зајакнаа заедничките вредности на западните нации, но терористичките напади од 11 септември нагло го променија вниманието на САД така што тие се опседнаа со Блискиот Исток. Иако Барак Обама повторно ја врати заедничката доверба во мултилатерализмот и институциите што ги наруши Џорџ Буш, неговите лични интереси повеќе беа ориентирани кон Пацификот. Тој сакаше вниманието од арапскиот свет да го пренасочи кон Азија. Обама сакаше САД да се свртат кон иднината, а не кон минатото.

Во меѓувреме, американскиот народ се насочи кон домашните проблеми. Тие сакаа вниманието да се насочи кон Америка и гласаа за претседателскиот кандидат што им вети дека ќе го исполни тоа. Затоа честа му падна на Трамп да го зададе смртоносниот удар на алијансата што го дефинираше повоениот свет. Одлуката за Иран следуваше по неговата одлука да наметне царина за европскиот алуминиум и челик, што следуваше по неговата одлука да се повлече од Парискиот климатски договор. Трамп еднакво ги презира европските, како и азиските или латиноамериканските сојузници. Единственото мислење на кое тој се потпира е на неговиот табор.
Франсоа Делатр, францускиот амбасадор во ОН, смета дека одлуката за повлекување од иранскиот договор е „најдобар показател за Џексоновиот момент низ кој поминуваат САД, поточно изолационистичкиот момент“. Тој тврди дека новиот претседател може да го врати мултилатерализмот. Но Делатр додава дека „лично мисли дека повлекувањето е трајно и дека тоа почнало уште пред Трамп да дојде на власт и ќе трае и по истекот на неговиот мандат“.

Одлуката за повлекување од иранскиот договор одекна кај европските лидери како ниедна претходно на претходниците на Трамп. Прво, Европејците го сметаат нуклеарниот договор како најголем доказ за нивниот капацитет да дејствуваат кохерентно и ефикасно. Иранската дипломатија упати жестоки критики веднаш по дебаклот на Ирачката војна, кога поделената Европа гледаше како американскиот претседател наиде на катастрофа. Марк Ленард, директорот на Европскиот совет за надворешни односи, наведе дека „Иран имал спротивен став. Наместо да биде заслепена од американската политика, Европа сфатила кои се нејзините интереси“. Европските дипломати преговараа со Иранците кога администрацијата на Буш одби да го стори тоа, со што формираа пакет-санкции и иницијативи што на крајот беа прифатени и спроведени преку Советот за безбедност на ОН од страна на Обама.
Европа се надеваше дека ќе ги намали тензиите на Блискиот Исток со тоа што ќе го извлече Иран од револуционерната школка. Таа успеа во тоа. Договорот, како што вели Ленард, претставуваше „огромна гордост“.

Поради географската близина, Европа е под закана од конфликт на Блискиот Исток, додека САД не се. Бранот бегалци од Сирија во 2015 година ја промени европската политика и откри тренд на ксенофобија и нелиберализам кај народот што нанесе голема лузна кај европските елити. Европа не може да си дозволи да го следи американското лидерство ако САД сакаат да предизвикаат поголем хаос во регионот.
Секако, старата европска репутација на потпирање и потчинетост на САД беше дополнета со посетите во Белата куќа на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, со надеж дека ќе го смират првиот насилник и потоа беа испратени едвај учтиво и притоа останаа да важат царините за европскиот челик. Но можеби им требаше шок на европските лидери. Неколку часа по објавата на Трамп, Макрон, Меркел и британската премиерка Тереза Меј излегоа со заедничка изјава потсетувајќи го светот дека договорот е едногласно одобрен од Советот за безбедност на ОН“ и поради тоа останува „да важи меѓународната правна рамка“ за иранската нуклеарна програма. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, најави дека иранската и трговската политика на Трамп „ќе добијат здружен одговор од Европа“.

Ќе има проблем ако САД продолжат со секундарните санкции врз европските компании што ќе продолжат да соработуваат со Иран. Со оглед на актуелното непријателско расположение во Вашингтон, постои добра причина да се верува во ова. Неколку часа откако беше поставен за американски амбасадор во Берлин, Ричард Гренел објави на Твитер дека „германските компании што имаат бизниси во Иран треба веднаш да ги намалат операциите“. Ова беше клучен момент за Европа. Ленард вели дека „САД ќе мора да се третираат како непријателска сила и можеби ќе треба да се воведат противмерки за американските компании“.

Ниедна страна нема иницијатива за да го зголеми проблемот. Некои големи европски фирми можеби ќе се повлечат од иранскиот пазар, иако европските банкари можеби ќе подготват начин да го избегнат американскиот финансиски систем што ќе го ублажи влијанието на секундарните санкции. Сепак, комбинацијата на американските царини и санкции може да ја испровоцира ЕУ да подигне бариери за американските производи и услуги во Европа, што ќе доведе до трговска војна меѓу првобитните партнери.
Дури и да има некој што ќе размислува со ладна глава, Европа може да почне да ги поставува темелите за понезависна воена и дипломатска стратегија. Одамна исчезна иницијативата за обединета европска војска, но Макрон ги покани министрите за одбрана на десет европски држави на состанок закажан наредниот месец во Париз за да дискутираат за неговиот план да формира сили подготвени за борби што ќе бројат до 100.000 припадници. Аналитичарите сметаат дека разликите со Трамп го зајакнаа планот. Британците и Германците ја надминаа првичната незаинтересираност и се согласија да се приклучат.

Лани во септември, Макрон одржа голем говор на Сорбона во кој побара поголема европска интеграција на војската, како и на економскиот фронт. Макрон ја искористи можноста на доделувањето на меѓународната награда „Карло Велики“, која воедно тој да доби за неговите напори „да го промовира европското единство“, за да побара од европската дипломатија брз одговор на едностраното одлучување на Трамп. Тој порача дека „Европа мора да ја преземе судбината во своите раце, затоа што ако една држава го прекрши ветувањето, тоа не значи дека другите треба да го променат курсот“.

Секој лидер во Западна Европа знае дека континентот мора да ги подобри неговите капацитети за да дејствува колективно и дека сите политички страсти треба да се остават настрана заедно со националистите. Малкумина се подготвени да ги преземат политичките ризици што Макрон ги направи. Меркел во голема мера го дели ставот на Макрон, но сега кога таа има кревка коалиција, не ја дели и неговата слобода на дејствување.
На прашањето дали Иран треба да ја натера Меркел да престане со нејзината внимателност, аналитичарот на германската политика во Европскиот совет за надворешни односи, Јозеф Јанин, вели дека „тоа е посакувана реакција, но не е доволна“. Макрон толку многу е разочаран од Меркел што откако таа му ја додели наградата „Карло Велики“, тој ја критикуваше нејзината незаинтересираност да им се приклучи на реформите за еврозоната.

Јанинг претпоставува дека Германија ќе се повлече во иницијативата на Макрон и ќе продолжи да се фокусира на поскромната и технократска европска политика наречена Трајна структурна соработка. Тој се надева дека Меркел ќе се согласи да ја искористи европската програма за да изврши притисок да се подобрат европските капацитети за дронови (за следење наместо за офанзивна акција) и за координирано разузнавање и собирање податоци. Ова во најмала мера ќе биде симболичен процес. Германија ќе ги задржи воените трошоци на исто ниво со тоа што ќе оддели само 1,2 отсто од БДП за војската. Германците се задоволни со оваа одлука, дури и зголемувањето од 20 отсто би предизвикало голем отпор кај јавноста. Според Јанинг, Меркел „долго ќе се преиспитува пред да донесе таква одлука“.
Новиот воен капацитет ја има предноста што не е потребно психолошко прекинување на односите со Вашингтон и со историјата на одбраната. САД долго време ја притискаа Европа да ги зголеми воените трошоци. Сепак, независната надворешна политика е сосема друго прашање. Европа сега сама ќе ја спроведува политиката за климатски промени и за Иран, па така трговијата можеби ќе биде следна на листата. Бидејќи администрацијата на Трамп не е заинтересирана да биде посредник меѓу Израелците и Палестинците, новото избивање насилство би можело да ја втурне Европа во таа типична американска улога. На САД повеќе не им се важни човековите права, но на Европа да.

Вистинската европска дипломатија пред сè ќе зависи од колективното прифаќање дека европските интереси и вредности само повремено ќе се совпаднат со оние на САД, а понекогаш ќе биде потребна соработка со Кина, земјите од Персискиот Залив или други актери. Исто така можеби ќе бидат потребни нови механизми без разлика дали ќе бидат формални или неформални. Мишел Дукло, пензиониран француски дипломат, кој сега е специјален советник на институтот „Монтањ“, предлага ЕУ3, поточно Франција, Германија и Британија, кои работеа заедно на договорот со Иран, да бидат јадрото на колективната дипломатија додека трите најдат начин како да соработуваат со другите членки на ЕУ.
За постарите Европејци, вклучувајќи ги и оние што поголем дел од нивните животи ги сметаа САД за едвај цивилизирана закана, шансите да се соочат со кризи без да имаат некаква поддршка би предизвикале вознемирување и неспокој. За психичката транзиција е потребно повеќе време од политичката. Но Трамп сигурно ќе го забрза процесот.

– Не сум сигурен дали на САД им е важен Западот. Кога разговарате со САД за американско-европските односи, изгледате како најголемата будала на планетата. Никому во Владата не му е грижа за нив – вели еден постар европски дипломат.

Авторот е уредник на „Форин полиси“ и соработник на Центарот за меѓународна соработка