Ако Трамп сака да постигне договор со Северна Кореја, мора да го испочитува нуклеарниот договор со Иран, нагласуваат повеќето аналитичари

Ако Вашингтон се откаже од нуклеарниот договор со Техеран, само ќе им даде изговор на најтврдокорните елити дека Иран треба што побрзо да развие нуклеарно оружје, предупредува Трита Парси, претседателка на Националниот иранско-американски совет во колумна за „Форин полиси“

Нуклеарниот договор со Иран виси на конец. Назначувањето на Џон Болтон, жестокиот поборник за војна со Иран, како американски советник за национална безбедност беше причина за прослава меѓу критичарите на иранскиот договор. Најавата дека нуклеарните преговори со Северна Кореја ќе се одржат истиот период кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе мора да одлучи дали ќе го одржи или поништи иранскиот договор, само дополнително ја усложнува целата слика. Сепак, малкумина во Вашингтон сфаќаат како коцкањето на Трамп со Пјонгјанг може да влијае врз нуклеарните калкулации на Техеран. Според многумина, Трамп би бил луд ако го поништи иранскиот договор доколку навистина сака да постигне договор со Севернокорејците. Ако Трамп покаже дека не ги почитува веќе постојните договори на Америка, зошто тогаш Пјонгјанг би склучил договор со него?

Но Трамп е сè само не конвенционален. Неговата логика секогаш е во спротивна насока од очекуваното, а Болтон ќе биде повеќе од среќен да му ги исполни најлошите инстинкти на Трамп. Со укинување на иранскиот договор, Трамп смета дека ќе испрати сигнали до Севернокорејците дека тие не треба да се сомневаат дека е подготвен да се повлече од преговорите ако не го добие тоа што го сака. Сепак, многу е полесно да се повлече од актуелните преговори отколку да го поништи постојниот договор. Трамп можеби знае да се заканува, но не знае како дипломатски да постапи. Вршењето притисок нема да успее во меѓународната дипломатија. Како Иран ќе реагира ако Трамп го спроведе својот план? За Техеран, нуклеарниот договор никогаш не беше за нуклеарното прашање, туку беше тест да се види дали Западот ќе се помири со постоењето на Исламска Република и ќе го прифати Иран како регионална сила. Со тестирањето на овој предлог, преговорите станаа јасна конфронтација меѓу двете доминантни струи во рамките на иранската елита.

Според првата струја во која доминираат конзервативните елементи во власта и војската, САД под притисок на Израел и на Саудиска Арабија, по природа се непријателски настроени кон Иран и никогаш нема да ја прифатат државата како регионална сила или ќе се помират со нејзиниот режим без разлика на политиките на Иран или компромисите што ги нуди. Вклучувањето што Техеран го бара може само да се постигне ако се натераат САД и нивните сојузници да ја прифатат реалноста за моќта на Иран. Скептицизмот на тврдокорните за дипломатијата и за отпорот кон компромиси делумно се вкоренети во нивното верување дека ниеден ирански компромис не може да го промени непријателството на Вашингтон кон Техеран. Втората поумерена група политичари во Иран признава дека сопствените чекори на државата придонесоа за ширењето на конфликтот и дека САД со право се загрижени за иранските политики. Тие тврдат дека Америка може да прифати Иран да се вклучи во регионалната безбедносна архитектура преку дипломатијата и преку вистински отстапки и компромиси. Ако Иран направи компромиси, тогаш и Западот треба да го стори истото тоа, барем според логиката. До започнувањето на нуклеарните преговори, дебатата меѓу овие две струи беше теоретска. Иако Техеран даде многу дипломатски предлози во минатото, подготвеноста на Америка да се помири со Иран никогаш не беше изложена на тест преку заеднички компромис што го прифатиле двете страни. Сè до иранскиот нуклеарен договор.

Со нуклеарната спогодба САД и Иран првпат договорија значајна размена на отстапки, кои не само што го спречија Иран да произведе нуклеарна бомба и беа повлечени санкциите, туку и им стави крај на речиси четиридецениските американски напори за целосно да се изолира Иран. Ова сигнализираше дека Америка, 36 години по иранската револуција, се помири со Иран. Двете страни се согласија на болни отстапки, двете страни се соочија со жестоки критики дома од страна на политичката опозиција и двете страни прифатија дека договорот сигнализира голема промена во однос на политиките од минатото. Америка се помири со Иран, а Исламска Република не зборуваше повеќе за САД како за ѓаволот туку како за преговарачки партнер. Ова беше голема победа за втората струја во иранската политика, барем тогаш. Но иранскиот нуклеарен договор сè повеќе станува победа за тврдокорните. Покрај отстапките на Иран и почитувањето на договорот (потврден со десет извештаи на Меѓународната агенција за атомска енергија), Трамп, Саудиска Арабија и Израел јасно ја отфрлија регионалната интеграција на Иран.

Промените во политиките на Иран се покажаа како недоволни, така што само целосна капитулација на Иран ќе ги задоволи сојузниците на Трамп. Ваквиот заклучок ќе биде неизбежен во Техеран ако Трамп го поништи иранскиот нуклеарен договор за да склучи ваков договор со Пјонгјанг. Ова ќе го зајакне аргументот на иранските тврдокорни елити дека грешката на Техеран била во добивањето капацитети за збогатување, но не и за производство на бомба, пред да се согласи сериозно да преговара. Ако произведеше нуклеарна бомба, како Северна Кореја, тогаш САД немаше да имаат друг избор освен да покажат почит кон Иран, да направат договор со него и да го почитуваат истиот тој. Трамп во суштина ќе го поттикне Иран сам да создава нуклеарно оружје. Конечно, заканите на Трамп нема да успеат. Тој нема соодветен кадар во Стејт департментот со капацитет за преговори, а неговиот нов советник за национална безбедност идеолошки се противи на дипломатијата. Ако го поништи иранскиот договор за да го импресионира Пјонгјанг, Трамп ќе го уништи единствениот функционален договор за оружје без да обезбеди нов. Во процесот, тој само ќе ја промени рамнотежата на моќта во корист на оние во Техеран што цело време тврдеа дека Америка го разбира само јазикот на силата.