Американската стратегија се фокусира на вршење економски притисок, кој ќе доведе до домашна политичка нестабилност во Иран, која директно ќе ги предизвика властите. Сепак, унилатералните американски санкции тешко да бидат ефикасни како меѓународните мерки, кои го донесоа Иран на преговарачката маса за нуклеарниот договор, оценува Дојче веле

Вашингтон ја претстави новата тврдокорна стратегија кон Иран, која најверојатно само дополнително ќе го продлабочи јазот помеѓу САД и ЕУ. Администрацијата на Трамп му се закани на Иран со досега незабележан финансиски притисок и објави листа со строги барања до Техеран да ја смени надворешната и домашната политика. Експертите и бивши американски функционери оценуваат дека планот е некохерентен и опасен, а претставници тврдат дека неговата крајна цел е промена на власта во Иран.
Во жестокиот говор, во кој беше претставена стратегијата на администрацијата кон Иран, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео се закани со „најсилните санкции во историјата“, ако Техеран не ги прифати барањата на САД. Неговиот говор следува речиси две недели откако претседателот Доналд Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор и повторно ги воведе санкциите, кои беа укинати во согласност со спогодбата што во 2015 година Иран ја потпиша со Русија, Кина, САД, Британија, Франција и Германија.

– Убодот од санкциите ќе станува сѐ поболен ако режимот не го промени курсот од неприфатливиот и непродуктивен пат што го избра за себе и за народот во Иран – истакна Помпео во излагањето пред организацијата Херитиџ фондејшн во Вашингтон.
Тој додаде дека САД нема да се обидуваат повторно да преговараат за постојниот договор за иранската нуклеарна програма. Наместо тоа, според Помпео, секој нов договор ќе бара од Иран да исполни 12 барања, вклучувајќи и запирање на програмата за балистички проектили, запирање на интервенциите во Сирија и во Јемен, како и поголеми отстапки за својата цивилна нуклеарна програма.
Првиот човек на американската дипломатија исто така се закани дека САД и партнерите на Блискиот Исток ќе ги уништат иранските оперативци и регионални сојузници, како што е либанската шиитска група Хезболах.

Висок ирански претставник ги отфрли барањата на Вашингтон и порача дека нивна крајна цел е промена на власта во Техеран. Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф го опиша планот на Помпео како „враќање кон старите навики“.
Експертите и бивши американски функционери оценуваат дека администрацијата на Трамп покажува дека нема голема желба за дипломатско решение, туку дека повеќе е заинтересирана за економски притисок, чија цел е смена на власта во Техеран.
– Тоа не е стратегија. Тоа е без приоритети и внатрешно некохерентна листа со желби. Станува збор за фантазија за промена на режимот без ресурси или предности. Тоа, очигледно, е и навреда за нашите европски партнери – истакнува Џарет Бланк, кој беше координатор за имплементација на иранскиот договор во Стејт департментот за време на администрацијата на Обама.
Дојче веле оценува дека тврдокорната политика на Вашингтон за економска војна само дополнително ќе ги затегне односите со сојузниците, кои веќе се гневни на Трамп за повлекувањето од нуклеарниот договор и покрај нивното лобирање и придржувањето на Техеран до спогодбата. Лидерите на ЕУ сега се обидуваат да се осигурат дека Иран ќе ги добие економските бенефиции што му беа ветени за да остане во договорот. Помеѓу другите работи, тие разгледуваат имплементирање блокирачки одредби, кои би ги заштитиле фирмите од ЕУ што соработуваат со Иран, и уште една мерка, со која владите во Унијата би правеле директно трансфери на пари до иранската централна банка. Помпео јасно стави до знаење дека САД очекуваат поддршка од регионалните и глобалните сојузници, вклучувајќи ја и ЕУ. Иако тој порача дека верува оти ЕУ ќе ги следи САД поради нивните заеднички вредности, Помпео исто така ги засили заканите кон европските компании што соработуваат со Иран.

Али Ваез, директор на одделот за Иран при Меѓународната кризна група (МКГ), истакнува дека администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека лидерите на ЕУ залудно се обидувале да го убедат претседателот да остане во договорот, и сега јасно се гледа јазот во Атлантикот.
– Нивната порака до Европа сега е јасна: „Придружете ми се во промената на режимот во Иран, а не неговото однесување“. Говорот на Помпео дополнително докажува дека нема простор за преговори со администрацијата на Трамп. Европа треба да ја земе судбината во свои раце – додава Ваез.

Американската стратегија, според Дојче веле, изгледа дека се фокусира на вршење економски притисок, кој ќе предизвика домашна политичка нестабилност во Иран, која директно ќе ги предизвика властите. Сепак, унилатералните американски санкции тешко да бидат ефикасни како меѓународните мерки, кои го донесоа Иран на преговарачката маса за договорот.
Тие меѓународни санкции беа доста строги, но беа ефикасни само поради нивниот меѓународен карактер. За Кина, Русија и ЕУ враќањето на тие санкции е неприфатливо сѐ додека Иран се придржува до договорот за нуклеарната програма.
– Идејата за повторно воведување санкции, кои ќе го притиснат иранскиот народ под маската дека му помагаат, не е само многу некохерентна, туку и директно го поткопува избраниот политички пристап на американските сојузници во Европа. Европа и натаму продолжува да смета на дијалогот и ангажирањето, вклучувајќи го и економското ангажирање, и добива резултати, бидејќи досега ги задржа Иранците во договорот откако Трамп го прекрши и го напушти договорот. Трансатлантскиот јаз станува само подлабок – оценува Есфандијар Батмангелит, основач на бизнис-мрежата Форум Европа-Иран.

Во меѓувреме, аналитичарите истакнуваат дека американското кршење на спогодбата само ги засили перцепциите во Иран дека на САД не може да им се верува. Администрацијата на Трамп ги повикува Иранците да се кренат против лидерите на земјата, а затскриената закана за промена на власта ќе ја зацврсти одлучноста на иранското раководство.
– Дури и САД да можат да нанесат максимален притисок врз Техеран, малку е веројатно таквите тешки мерки да го убедат иранското раководство, кое очигледно е убедено дека единствена поопасна работа од оваа закана е да се потклекне пред неа – истакнува Ваиз.


Могерини: Нема алтернатива за иранскиот нуклеарен договор

Нема алтернативно решение за иранскиот нуклеарен договор, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
– Говорот на Помпео со ништо не покажува како повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор направило или ќе го направи регионот побезбеден од заканата од нуклеарно ширење или како би нѐ поставило во подобра позиција да влијаеме на однесувањето на Иран во области надвор од опфатот на тој договор – порача Могерини.
Таа ја повика меѓународната заедница да ги нормализира трговските односи со Иран.