Американскиот претседател Доналд Трамп му порача на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган дека Вашингтон работи на екстрадиција на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој Анкара го смета за организатор на неуспешниот државен удар во Турција во 2016 година, изјави шефот на турската дипломатија Мевлут Чавошоглу.
– Трамп во Аргентина му рече на Ердоган дека работат за екстрадиција на Ѓулен и други луѓе – изјави Чавошоглу на конференција во Доха реферирајќи за самитот на Г20 во Аргентина.

Од друга страна, американското министерство за правда завчера негираше дека е планиран договор за испорачување противници на Ердоган, додека, пак, Ен-би-си во четвртокот објави дека администрацијата на Трамп бара начини за испорачување на Ѓулен за да го смират турскиот претседател.