Американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти советникот за национална безбедност Џон Болтон, кој е познат по воинствените ставови во однос на надворешната политика. Како причина за таквиот потег, Трамп ги наведе големите разлики во ставовите и предлозите со досегашниот советник. Американските медиуми пренесуваат дека двајцата политичари имале расправии за повеќе надворешнополитички предизвици, од Авганистан до Иран.

– Го известив Џон Болтон дека неговите услуги повеќе не се потребни во Белата куќа. Имав големи забелешки и несогласувања со неговите предлози, исто како и другите во администрацијата. Затоа ја побарав неговата оставка – порача Трамп во порака на Твитер.

Американскиот претседател истакна дека силно се противел на повеќе предлози на Болтон. Многумина во Белата куќа не биле задоволни од однесувањето на советникот, а неименуван извор за Би-би-си истакнал дека тој од Националниот совет за безбедност направил посебен ентитет.

– Болтон работи одвоено од преостанатиот дел на Белата куќа. Тој не присуствуваше на состаноците и ги следеше сопствените иницијативи. Тој води сопствено шоу – изјавил бившиот претставник на администрацијата на Трамп, кој побарал да остане анонимен.

Друг претставник на Белата куќа изјави дека Болтон секогаш имал свои приоритети и дека никогаш не го прашувал претседателот кои се неговите приоритети. Според Си-ен-ен, советникот со месеци ги иритирал луѓето во администрацијата и не само поради различните политички ставови, туку и поради начинот на кој се однесувал. Телевизијата наведува дека Болтон не бил во конфликт само со шефот на дипломатијата Мајк Помпео туку и со шефот на кабинетот на Белата куќа, Мик Малвени.

Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека функцијата советник за национална безбедност привремено ќе ја извршува Чарлс Купермен, досегашниот заменик на Болтон.