Критичарите го обвинуваат Трамп дека со неговата потпалувачка реторика поттикнува
насилство кон политичките противници и медиумите, кои често ги посочува
како непријатели на американскиот народ

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика медиумите да запрат со „бескрајното непријателство“, откако пакети со експлозив беа испратени до високи демократски функционери, вклучувајќи ги и бившиот претседател Барак Обама. Ниту еден од пакетите-бомби не експлодирал, а ФБИ почна голема истрага за откривање на испраќачот. Од друга страна, критичарите на Трамп ги оценија неговите коментари како лицемерни, бидејќи тој често користи жестока реторика против своите противници и медиумите. Па така, случајно или не, политичарите до кои беа испратени бомбите редовно се цел на критиките на конзервативците, а особено на критиките од актуелниот шеф на Белата куќа.
Во текот на политичкиот митинг во Висконсин, Трамп вети дека ќе биде фатен испраќачот на бомбите, истовремено повикувајќи ги медиумите да престанат со „постојаните негативни и честопати лажни напади и стории“. Тој исто така побара и поголема пристојност во јавниот живот.

– Оние што се вклучени во политичките арена мора да запрат да се однесуваат кон политичките противници како тие да се морално погрешни. Никој не треба да ги споредува политичките противници со историски негативци, што често се прави – истакна американскиот претседател.

Според ФБИ, експлозивните направи биле испратени на локации во Њујорк, Вашингтон, како и на Флорида. Покрај Обама и Клинтон, дел од пакетите-бомби биле адресирани и до бившиот директор на ЦИА, Џон Бренан, поранешниот јавен обвинител Ерик Холдер, демократската конгресменка Максим Вотерс и бившиот потпретседател Џо Бајден. Канцеларијата на телевизијата Си-ен-ен во Њујорк била евакуирана откако пакет со експлозив, адресиран до Бренан, бил откриен во поштенското сандаче. Во понеделникот сомнителен пакет беше испратен и до познатиот инвеститор и филантроп Џорџ Сорос.

Станува збор за лица што постојано се изложени на невкусни критики и вербални напади од конзервативците, на чело со Трамп. Некои демократски претставници го обвинија американскиот претседател за поттикнување насилство со неговата досегашна реторика, која вклучуваше омаловажување на медиумските извештаи како „лажни вести“ и обележување на медиумите критични кон него како непријатели на народот. Во заедничка изјава, демократите Ненси Пелоси и Чак Шумер порачаа дека најновите зборови на Трамп се празни сѐ додека не ги измени неговите изјави, кои го осудуваат насилството. Директорот на Си-ен-ен, Џеф Цукер, ги критикуваше Трамп и портпаролот на Белата куќа, истакнувајќи дека тие не разбираат дека секој искажан збор е важен.

– Во Белата куќа комплетно не ја разбираат сериозноста на нивните постојани напади на медиумите – додаде Цукер.

Вербалните напади на Трамп против медиумите постојано предизвикуваат загриженост, дури и кај експертите од Обединетите нации, кои оценуваат дека со тоа се поткопува слободата на медиумите и се зголемува ризикот за насилство против новинарите. Минатата недела американскиот претседател го поздрави републиканскиот конгресмен што физички нападна репортер, грубо втурнувајќи се кон него.

Истовремено, некои од приврзаниците на Трамп сметаат дека испратените сомнителни пакети се дел од заговорот на Демократската партија, за победа на претстојните избори за Конгресот и Сенатот. Сепак, како што наведуваат американските медиуми, нема докази за таквите обвинувања, а полицијата сѐ уште нема објавено никаква информација за евентуално осомничени лица. Инцидентите се случуваат на нецели две недели од изборите, при што американската политика како ретко досега е поларизирана. Зборувајќи на предизборен митинг во Флорида, Хилари Клинтон ѝ се заблагодари на тајната служба чии агенти ги открија бомбите.

– Сега е проблематично време, време на длабоки поделби, и мораме да сториме сѐ што можеме за повторно да ја обединиме земјата. Исто така, мораме да избереме кандидати што ќе се обидат да го сторат истото тоа – порача поранешната прва дама на САД и шефица на американската дипломатија.