Американците веќе одамна пресметаа и ѝ гарантираат на светската фудбалска куќа заработка од 14,3 милијарди долари што претставува двојно повеќе од приходот, кој ФИФА би го остварила во Мароко (7,2 милијарди)

Негативната мигрантска политика на Трамп не влијаеше врз изборот на САД, Мексико и Канада за домаќини на светското фудбалско првенство во 2026 година. На конгресот на ФИФА, одржан на 13 јуни во Москва, кандидатурата „Обединети 26“ имаше значително повеќе гласови од единствениот ривал, Мароко, добивајќи ја на тој начин организацијата на 23-от едноподруго Мундијал.
Ова ќе биде првиот турнир на кој ќе учествуваат 48, наместо досегашните 32 репрезентации, за што ќе бидат потребни поголеми сместувачки капацитети и стадиони, на кои ќе се одиграат дури 80 натпревари. Тоа е една од причините поради кои членките на ФИФА го дадоа својот глас за северноамериканската понуда, се разбира, покрај решавачкиот фактор – приходите од шампионатот. Американците веќе одамна пресметаа и ѝ гарантираат на светската фудбалска куќа заработка од 14,3 милијарди долари што претставува двојно повеќе од приходот, кој ФИФА би го остварила во Мароко (7,2 милијарди).

Постоеше страв дека надворешните политички фактори и „запаливите“ коментари на американскиот претседател Трамп во однос на емигрантите, како и зголемувањето на царинските даноци за производите што се увезуваат од ЕУ, би можеле да влијаат на резултатите од гласањето. Трамп ја поддржа кандидатурата уште пред неколку месеци, поставувајќи притоа прашање што звучеше како уцена, зошто САД би продолжиле да им помагаат финансиски на оние држави што нема да гласаат за „Обединети 26“. Значи, гласајте за нас за да продолжиме да ви помагаме! Се чини дека оваа констатација на Трамп беше доволно јасна за придобивање важни поени пред гласањето во Москва.
Инспекциите што ги испрати ФИФА во САД и во Мароко беа најригорозни од сите досегашни. Извршени се процени за ризик во дури 20 категории. Во Северна Америка се забележани 3 подрачја со среден ризик – државната поддршка, човековите права и работните стандарди и организирање на трошоците, плус 17 нискоризични. Од друга страна, Мароко е проценет со 3 високоризични, 10 средни и 7 нискоризични подрачја.
Исто така, Мароко се беше обврзал да потроши 16 милијарди долари на инфраструктура, вклучувајќи ја изградбата на нови и реновирање на постојните стадиони, додека „Обединетите 26“ немаат потреба од изградба на нови инфраструктурни објекти.

Може да се полемизира за тоа дали е виновен Трамп или претседателот на ФИФА, Џани Инфантино – инаку американски ученик – за добивањето на Светското првенство, но никој не е толку заслужен како еден човек, чие име никаде не се спомнува. Најголемата улога ја одигра Роберт Кенет Крафт. Тој е сопственик на екипите Њу Ингланд патриотс и Њу Ингланд револушн. Минатото лето Крафт беше наименуван за почесен претседател на кандидатурата на „Обединети 26“, чија работа беше да лобира и да ја добие поддршката од националните фудбалски федерации и американската влада. Роберт Крафт, кој во младоста сакал да стане рабин, очигледно одлично ја сработи својата мисија, а членството во Демократската партија и познанството со Трамп му помогнаа кандидатурата да добие зелено светло од Белата куќа. Крафт го убеди Трамп дека организацијата на Мундијалот ќе биде полн погодок, како и дека позитивно ќе се одрази на популарноста на самиот претседател, особено по гаранциите дека нема да постои дискриминација при влегувањето во САД за време на Мундијалот.

Ќе видиме дали Трамп ќе ги исполни своите ветувања или ќе ги прекрши сите договори, како што направи во случајот со париската спогодба за климатски промени или, пак, со неодамнешното напуштање на нуклеарниот договор со Техеран. Сепак, од друга страна, по историската средба со Ким Јонг-ун, Трамп придоби многу поддржувачи низ светот, па дури беше номиниран и за Нобеловата награда за мир од страна на одредени политичари!