Актуелниот американски претседател сака да ги уништи сојузите и да ги прокоцка односите и меѓународните институции што 70 години го карактеризираа глобалниот поредок предводен од САД. Алтернативната верзија на Трамп за меѓународниот поредок е докажувањето на едностраната моќ, нешто што самиот го нарекува „Америка на прво место“

Кори Шаке

Во иднина, на почетокот на јуни 2018 година ќе гледаме како на пресвртница во светската историја и крајот на либералниот поредок. На самитот во Канада, претседателот на САД, Доналд Трамп, одби да ја поврзува државата со „правилата на кои почива меѓународниот поредок“ што Америка го изгради по Втората светска војна и се закани по најблиските сојузници со трговска војна. Тој го навреди канадскиот премиер и по само неколку дена упати огромни пофалби по Ким Јонг-ун, најсуровиот диктатор во светот. Без да се консултира со сојузниците на Америка во регионот, тој дури и ја актуализираше повторно неговата желба да ги повлече американските војници од Јужна Кореја.
Досега е невидено ваквото невнимателно непочитување на безбедносните обврски кон американските сојузници, непријателството кон заемно корисната трговија и намерната изолација на САД. Сепак, ова е надворешната политика на администрација на Трамп. Мошне експлицитно, лидерот на слободниот свет сака да ги уништи сојузите и да ги прокоцка односите и меѓународните институции кои го карактеризираа американски предвидениот поредок над 70 години.

Алтернативната верзија на администрацијата на Трамп за меѓународниот поредок е бескрупулозно докажување на едностраната моќ што некои ја нарекуваат „Америка на прво место“ или поописно кажано, функционер од Белата куќа за „Атлантик“ ја опиша како доктрината „глупаци, ние сме Америка!“. Ваквото агресивно игнорирање на интересите на државите-истомисленички, индиферентноста кон демократијата и човековите права и бранењето на диктаторите е новиот свет што го создава Трамп. Тој и неговите најблиски советници ќе го соборат либералниот поредок со Америка на чело, кој беше најголемиот гарант за светскиот мир некогаш во човештвото. Ние влегуваме во нова, страшна ера.
Според претседателот на САД, либералниот поредок во светот е голема измама, тој инсистира дека Америка премногу плаќа и дека ја искористуваат нејзините пријатели. Тој сака САД да ги повлече од нивните сојузници и да ги остави партнерите самите да се бранат, а парите да ги насочи на домашните потреби. Овие критики се јавуваат во време кога Американците стравуваат како светот се менува и кога лидерите на државата лошо ги објаснија тие промени и не го олеснија влијанието врз работниците и нивните семејства.

Зголемувањето на разликите во приходите и намалувањето на можностите ја ставаат под знак прашалник основната непристрасност на актуелниот систем. Страшни грешки со висока цена како што беа Ирачката војна и финансиската криза од 2008 година го уништија кредибилитетот на експертите кои се виновни за неуспесите, но се изолираа од последиците. Сојузниците на Америка ја славеа дарежливоста на нивните системи за социјална помош и ги потценија нашите додека трошеа помалку отколку што Америка троши за одбраната на нивните држави.
Сите аргументи се веродостојни и го објаснуваат подемот на Трамп и намалувањето на важноста на либералниот поредок. Но ниедно од овие нешта не ја намалува важноста на одржувањето на еден систем во кој Америка ќе има поголема корист отколку што дозволуваат другите геометрии на поредокот.

Да разгледаме што точно значи тој поредок. Почнувајќи со последиците од Втората светска војна, Америка воведе низа светски норми што ја зацврстија нејзината позиција на врвот на меѓународниот систем базиран на закони. Тие опфаќаа демократија, формирање трајни врски со државите со кои ги делат истите вредности, заштитувањето на сојузниците, подобрување на слободната трговија и градењето институции и стандарди на однесување што ја легитимизираат американската моќ со тоа што им даваат моќ на одлучување на послабите држави.
Последниот аргумент е клучен и е мозокот на системот. Америка има корист од поддржувањето на другите. Американскиот безбедносен чадор им овозможува на пријателските влади да привлекуваат инвестиции и мирно да се развиваат. Ова ја поттикнува соработката. Системот им овозможува на Америка и на другите држави да ги делат трошоците за зачувување на заедничката одбрана и слободното движење на стоки и луѓе (иако понекогаш другите помалку вложуваат отколку што сакаат Американците).

Светот никогаш не се соочил со нешто вакво, суперсила која самата се ограничува до таков степен или мирот и стабилноста што ги носи. Америка не секогаш постапува правилно. Понекогаш прави грешки, не успева да постапува според својата идеологија и да ги крши сопствените правила.
Но резултатите говорат сами за себе. Поминаа повеќе од 70 години од последниот конфликт меѓу големите сили. Демократиите водат изгубени војни, но тие не се борат против други демократии. Војните кои тие ги водат се за проширување на периметарот на безбедноста и просперитетот, ширењето и консолидирањето на либералниот поредок.
Светската економија речиси седумкратно порасна по 1960 година, приспособена за инфлацијата. Слободните народи и слободните пазари ги создадоа најсилните и најпросперитетните држави во меѓународниот поредок и тие држави се поврзаа меѓу себе со сојузи, институции и трговски режими со обострана корист.
Спротивно на најголемата поплака на претседателот Трамп, американски предводениот поредок не е толку скап, особено во споредба со алтернативите. Околу 40 отсто од БДП на Америка беше наменето за војската за време на Втората светска војна. Сега тој дел изнесува помалку од четири отсто, што не е неразумна цена за веќе испробана политика на гаранции.

Претседателот и неговите критичари тврдат дека ако Америка помалку се труди, другите ќе се трудат повеќе, односно дека други ја искористуваат нејзината дарежливост. Ова не се покажа точно за нејзините најблиски пријатели. По крајот на Студената војна во 1991 година, САД го намалија нивното воено присуство во Европа за околу 85 отсто. Но Европејците дури уште повеќе ги намалија нивните воени трошоци и станаа понерешителни за употребата на воена сила. Наместо да ги зајакнува сојузниците, со повлекувањето на Америка сојузниците всушност станаа резервирани.
Ако другите преземеа повеќе чекори, можеби немаше да бидат оние што требаше тоа да го направат и нивните чекори можеби немаше да се во корист на интересите на Америка. Русија е поактуелна во Европа по повлекувањето на САД, како и во Сирија како резултат на премалата ангажираност на Америка таму.
Кина е поприсутна во Јужно и во Источно Кинеско Море, а нејзините чекори во голема мера ќе ги загрозат американските воени операции во одбраната на сојузниците и во обидот да се зачува слободниот тек на трговијата и дури заштитата на сопствената територија.

Исламска држава делумно беше резултат на тоа што САД не презедоа сериозни чекори да ги консолидираат добивките од војната во Ирак и не се грижеа многу што сириската влада го уништуваше својот народ. Ниеден од овие исходи не ги развива американските интереси.
Да разгледаме на долгорочен план. Кина веќе покажува дека не само што нема да игра според правилата на американски предводениот поредок, туку и исто така има намера да воведе свои правила. Без американското противење, таа ќе продолжи да ги потчинува помалите и послаби држави во Источна Азија и да ја наметне нејзината контрола врз поморскиот сообраќај. Ќе ја користи технологијата за да ги следи, спречи и казни критичарите во светот. Кинески предводениот светски поредок ќе биде една од привилегиите наместо правата, моќта наместо законот, данок наместо сојуз.
Ова е мир што чини многу скапо, дури и ако успее да се одржи. Најверојатно, ако САД не го зачуваат поредокот, подемот на една нова сила на крајот ќе ги натераат да ги бранат нивните интереси или да се предадат. Ова се случи со секоја транзиција на моќ освен онаа меѓу Велика Британија и САД, исклучок што потекнува од нивните демократски сличности и таков што најверојатно нема да се повтори со САД и со Кина.
Нападот на Трамп кон либералниот светски поредок не е само цената што Америка ја плаќа. Тој изгледа е решен да ги уништи пријателството и почитта што ја поврзуваат Америка со нејзините сојузници. Ако тој успее во намерата, тогаш Америка ќе ја гледаат и дури ќе стане иста како Русија и Кина, а државите нема да имаат причина да им помогнат на американските напори наместо на нивните.

Со едни војува, со други соработува: Трамп со лидерите на Кина, Русија и на С.Кореја

Америка долго време беше доминантна, што почна да ги зема здраво за готово исходите кои ги поддржуваат нејзините политики и интереси и ги потценува систематските напредоци на институциите и нормите. Сепак Трамп може на крајот да се покаже како нелиберален чувар на либералниот меѓународен поредок. Со тоа што постојат сомневања за многу суштински елементи на системот кој САД го изградија во испустениот период по Втората светска војна, тој ги тера Американците да замислат еден свет во кој САД нема да го чуваат меѓународниот поредок, како што Џорџ Шулц ја опишува надворешната политика.
Американците сакаат меѓународен поредок во кој ќе имаат просперитет и безбедност. Несомнено оваа есен, кога Трамп ќе ја одржи неговата воена парада во Вашингтон, нема да слушнеме големи пофалби за американската моќ. За време на конгресните избори ќе слушнеме секакви изјави за тоа како претседателот повторно Америка ја направил голема.
Но ваквите пофалби ќе бидат празни ако, истовремено, Америка се откаже од светскиот поредок кој беше нејзино најголемо достигнување. Одржувањето на поредокот за кој храбрите луѓе се бореа во Втората светска војна за да го создадат е поевтин потфат отколку да се дозволи да пропадне и потоа повторно да се изгради.

Авторот е заменик-директор на Меѓународниот институт за стратегиски студии со седиште во Лондон