За клубот од северниот дел на Лондон ова е прв трофеј по 2008 година кога го освои Лига-купот

Тотенхем е победникот на Интернационалниот куп на шампионите (ИКШ) 2018 што заврши со мечот Интер – Атлетико (1-0) во саботата во Мадрид, неколку часа откако со победа на гости над Њукасл од 2-1 ја почна сезоната во Премиер-лигата. Статусот на Тотенхем како шампион на ИКШ беше потврден откако Интер не успеа да го совлада Атлетико со повеќе голови (четири) разлика во последниот меч.

За клубот од северниот дел на Лондон ова е прв трофеј по 2008 година кога го освои Лига-купот.
Тотенхем ги совлада Рома со 4-1 и Милан со 1-0, а загуби од Барселона на пенали на турнејата низ САД во јули, и заврши на челната позиција на табелата со седум бода, исто колку што собраа Борусија Дортмунд и Интер, но со послаба гол-разлика. Секој тим одигра по три натпревари во претсезоната, иако поголемиот дел од играчите што учествуваа на Светското првенство (СП) во Русија беа на одмор и не играа.

Летово во ИКШ беа вклучени 18 најпознати клубови од девет различни земји, меѓу кои 14-те најбогати во светот според „Форбс“, вклучувајќи ги најдобрите шест во Англија, трите шпански и гиганти, потоа Јувентус, Баерн, ПСЖ и други. Натпреварите се играа во периодот од 20 јули до 11 август во САД (17 меча), во Европа (седум) и во Сингапур (три).

Првиот Интернационален куп на шампионите е одржан во 2013 година, како претсезонска турнеја во САД на најдобрите европски клубови. Таа година настапија само осум екипи, кои ги играа натпреварите во шест американски града. Победници на досегашните пет изданија на ИКШ се ПСЖ (двапати), Барселона, Манчестер јунајтед и Реал.

Организатор на ИКШ е компанијата „Релевант“, чија заработката е тешко да се изброи. Според некои податоци, станува збор за стотици милиони долари. Клубовите добиваат надомест од 10 до 20 милиони долари за настапите, во зависност од нивниот рејтинг на фудбалскиот пазар, плус процент од продадените влезници, од ТВ-правата итн.
На почетоците „Релевант“ едвај ги покриваше високите трошоци, но потоа работите тргнаа на подобро за нив. Сега стадионите се преполни (на еден меч летово имаше рекордни 109.000 гледачи), а според некои показатели гледаноста на овие натпревари на ТВ во САД ја надминува гледаноста на мечевите од англиската Премиер-лига.

Прв човек на „Релевант“ е Американецот со италијанско потекло, Чарли Стилитано, кој има намера ваков турнир да организира и во зима, во Мајами и во Лос Анџелес, но и да го прошири бројот на клубовите со оние од Јужна Америка.
За Мурињо, Стилитано е г. Нула Грешки. Тој е одговорен за трансформацијата на ИКШ, и затоа се случува клубовите од понизок ранг да го молат за настап нудејќи се да играат и бесплатно, свесни за моќната медиумска промоција. 


Кавгата за базенот решена со изградба на нов!

Минатата година тој имаше маки со Реал Мадрид и со Манчестер јунајтед, кои се расправаа околу базенот во Лос Анџелес, па реши да изгради сосема нов за Јунајтед. Неодамна доби телефонски повик од Анчелоти, кој бараше резервација во еден од најлуксузните ресторани во Њујорк, вредна неколку илјади долари. Такви барања за него не се ништо невообичено.
– Тоа по малку е смешно, но го зацврстува пријателството – вели Стилитано.
Тоа сега се вистински пријателства, а не само деловни врски. Фергусон често го посетува и оди на ручек кај него дома секогаш кога е во САД.