Хари Кејн во дуел со Ван Дајк

Тимот од Лондон на 1 јуни во Мадрид има шанса да биде 23-от европски првак и првиот дебитант шампион по Челси во 2012-та

На стадионот „Метрополитано“ во Мадрид (капацитет од 68.000 места), во големото финале на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, на 1 јуни (сабота) ќе се сретнат Тотенхем и Ливерпул. Во втората сеанглиска пресметка (првата беше помеѓу Манчестер јунајтед и Челси во Москва во 2008-та), Тотенхем, кој номинално е домаќин, ќе се бори за првата титула европски првак (во првото финале), а Ливерпул за шестата (во деветтото финале). Тотенхем е 40-от клуб што во историјата на КЕШ/ЛЕ стигнал до финалето и прв дебитант по Челси во 2008 година. Тимот од Лондон има шанса да биде 23-от првак и првиот шампион дебитант по Челси во 2012-та.

Ливерпул третпат игра во две последователни финалиња, по 1977/1978, 1984/1985 и 2018/2019 год.). Двапати такво нешто им успеало само на Јувентус (1997 и 1998) и на Валенсија (2000 и 2001).

Во историјата на ЛШ, во финалињата (сите од 2000 па наваму) шест пати играле тимови од иста земја. Реал беше победник во трите дуели против шпанските тимови, против Валенсија во 2000 и против Атлетико во 2014 и 2016-та. Во италијанската пресметка, Милан беше поуспешен од Јувентус во 2003-та, а во германското финале, Баерн ја совлада Борусија Дортмунд во 2013-та.

Тотенхем е осмиот англиски тим што ќе игра едно вакво финале, по Ливерпул, Манчестер Ј., Арсенал, Челси, Нотингем форест, Астон вила и Лидс. Италија и Германија имале по шест тима што настапиле во европско финале.
Мадрид, попрецизно стадионот „Сантијаго Бернабе“ досега четирипати бил домаќин на европско финале, во 1957, 1969, 1980 и 2010-та.

Судија на финалниот меч ќе биде Словенецот Дамир Скомина (42), со сонародници како помошници и Шпанец како четврти судија. Сезонава Скомина ќе остане запаметен по контроверзниот пенал за Манчестер Ј. против ПСЖ во финишот од осминафиналниот реванш-меч. Тој ја делеше правдата и на финалето во Лига Европа (ЛЕ) пред две години кога Манчестер Ј. го совлада Ајакс.

Пред почетокот на мечот што во живо ќе се пренесува во над 200 земји низ светот ќе има пригодна музичка програма. Како што е вообичаено, последниве години Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе организира т.н. „ЛШ-фестивал“ со најразновидна забава во централниот дел на Мадрид, од четврток, 30 мај па до недела, 2 јуни. 


Цените на аранжманите за Мадрид драстично пораснаа

Од нефудбалските работи, она што ги засега навивачите на двата клуба е тоа дека цените на аранжманите за патување во Мадрид следната недела драстично пораснаа. Кога Ливерпул во неверојатниот полуфинален меч на „Енфилд“ ја елиминира Барселона, цените на авиобилетите за Мадрид, пораснаа на над 800 евра. Истото тоа се случи и по триумфот на Тотенхем во последните моменти против Ајакс.
Шпанските хотелиери ги кренаа цените, што значи дека престој во Мадрид со две ноќевања, на 31 мај и 1 јуни, ќе чини над 1.000 евра. Една од причините за тоа е дека во Мадрид е ограничена бројката на места за престој, а за тој викенд побарувачката е голема, па и цените се зголемуваат.