Организаторите и претставници на ИОК потврдија дека се прават напори зголемените
трошоци поврзани со спречувањето на последиците поврзани со високите температури
да останат во рамките на предвидениот буџет

Токио е еден од најдобро подготвените градови-домаќини на Летни олимписки игри во последно време (на година и половина до почетокот на Игрите – н.з.), изјави шефот на инспекцискиот тим на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Џон Коутс, по неколкудневната посета на главниот јапонски град, домаќинот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година.
Организаторите и Коутс потврдија дека се прават напори зголемените трошоци поврзани со спречувањето на последиците од високите температури да останат во рамките на предвидениот буџет. Според последните информации, организацијата на ЛОИ и на Параолимписките игри (ПОИ) во 2020-та, Јапонците ќе ги чини 7,03 милијарди долари. Бразилците за ЛОИ 2016 во Рио потрошија околу пет милијарди, речиси тројно помалку од Британците за Игрите во Лондон 2012.

За да се намалат ризиците по здравјето на спортистите, организаторите на ЛОИ 2020 одлучија да го вратат стартното време на трките за планински велосипеди за еден час. Според предложената промена, трките ќе се одржуваат од 15 до 17 часот. Сите утрински рагби-натпревари ќе почнуваат од 9 часот, 90 минути порано од планираните термини. Коутс рече дека организаторите планираат почетокот на маратонската трка, наместо од седум, да го поместат за шест часот, но тоа уште не е официјализирано. Размислувањата за почетокот на трката се во контекст на рекордно високите температури што летово беа измерени во Токио, од над 40 степени во Токио и во некои други области.

Коутс рече дека организаторите во ревидираниот нацрт-буџет вклучиле финансирање нови мерки, како што се засенчени места за гледачите, механизми со млазови вода за прскање на маратонците и нерефлектирачка патека. Организаторите потврдија дека над 100.000 луѓе (40 отсто од странство) се пријавиле за волонтери што ќе им помагаат на спортистите и на гледачите за време на Игрите.