Компанијата „Покемон“ е една од најатрактивните француски танцови компании, кои ја негуваат синергијата помеѓу современиот танц и хипхопот

Со претставата „Тишина,на турнеја сме!“ вечерва, во 20 часот, во МНТ завршува фестивалот „Танц-фест“. Компанијата „Покемон“ е една од најатрактивните француски танцови компании, кои ја негуваат синергијата помеѓу современиот танц и хипхопот. Танчарите, владеат со неверојатна техника и експресивност, имаат многу интернационални награда за своите изведби, а компанијата гостува на многу престижни фестивали низ светот.

Кореографијата е на уметничкиот директор на компанијата „Ријад Фгани“, а настапуваат шест ексклузивни танчари: Хјацинте Валери, Хсисон Кевин, Микаел Инг, Фгани Дунуел, Мезаине Мехди, Бен Џелоул Мехди и Бафинал Гаел.
„Тишина на турнеја сме!“ изобилува со несекојдневна експресија, извонредни тела што се движат по сцената на експресивен начин, за да доловат атмосфера на живеење од 30-тите години на 20 век, во кои танцот има своја улога. Претставата е омаж на развојот на киното во 30-тите години на 20 век и неговата уметничка експресија, на сцената се случува синергија на хипхоп-движења, музикалните комедии на тоа време и современиот танц. Компанијата потекнува од градот Лион, каде што во 19 век браќата Лумие го измислуваат киното. Црно-белиот филм е подлога за коларативен танц, низ музички ритми што варираат, како трибјут на киното и модерното време и потрага по нови димензии.

Компанијата „Покемон“ е основана во 1997 година. Уметничкиот директор Ријад Фгани е член на компанијата од нејзиното основање, а уметничкото водство го презема во 2004 година. Во 2007 година компанијата го освојува првото место ма КБ-шампионатот во Кореја. Фгани како уметнички директор развива посебен стил, синергија на танц од различни стилови и артисти, како современи танчари, балерини, циркуски изведувачи, мимичари и актери. Тој прифаќа во 2005 година нови генерации на брејкданс-изведувачи, со кои развива сопствен метод на работа. Во 2003 година, компанијата почнува соработка и со Националната опера на Лион, која трае до денес. Идентитетот на компанијата „Покемон“ е огромната желба да го споделат искуството, експертизата и вредностите што се поврзани со хипхопот. Секој танчар има свое место, базирано на неговата експресија, динамика, изворот на инспирација. Компанијата е во константна потрага по сопствен израз, а комбинацијата на нивната техника и естетика ги прави икони на танцовата сцена и новите генерации.
Фестивалот „Танц-фест“ е поддржан од Министерството за култура и од градот Скопје, а оваа претстава ќе се реализира и со поддршка на францускиот институт во Македонија и Охридска банка.