„Фортнајт“ повлечена од продажба во Кина

Кинеските гејмери повеќе не можат да уживаат во популарната игра „Фортнајт“, откако беше повлечена од овој пазар по пробниот период, а причината се строгите правила на Кина во однос на секторот за игри и технологија.
Претходно овој месец, развивачот „Епик гејмс“ објави дека ќе ги затвори своите сервери на „Фортнајт“ поради предизвиците наметнати од строгите ограничувања на кинеската влада. Затоа Кинезите од неодамна немаат пристап до играта, како што покажуваат објавите на социјалните мрежи. Бета-тестирањето на „Фортнајт“ во Кина започна во 2018 година, но играта никогаш не доби официјално одобрение од Владата, што ѝ отежна на компанијата „Епик гејмс“ да ја монетизира содржината на играта.
Кина започна пресметка со индустријата за игри пред неколку години и се обидува да ги блокира содржините за кои смета дека прикажуваат прекумерно насилство. Оваа ситуација ја принуди компанијата „Тенсент“ да понуди ненасилна верзија на мегапопуларната игра „Пубг“ во Кина.
Покрај „промовирањето насилство“, Кина, исто така, сака да го намали времето што малолетниците го поминуваат играјќи игри. Неодамна, дозволеното време за онлајн игри за помлади од 18 години е намалено на еден час, или помеѓу 20 и 21 часот во петок, викенди и празници.