Играта „Покемон Го“ заработи 4 милијарди долари

Американската софтверска компанија што ја разви играта „Покемон Го“ објави дека само по четири години играчите потрошиле скоро 4 милијарди долари на неа. Лудилото по Покемон, бркањето карактери во реално опкружување и планетарната популарност на играта се исплатеа. Барем за американската компанија „Ниантик лаб“, која ја пласираше на пазарот во 2016 година.

Оттогаш играчите при потрага по ликовите од играта, односно трчајќи по покемоните поминале вкупно 23 милијарди километри. За споредба, планетата Плутон, која е најдалеку од Сонцето, е оддалечена од Земјата само 4,43 милијарди километри.
Играта е бесплатна за преземање и се заснова на оригиналната видеоигра и цртан филм. Откако се појави, наскоро стана голем хит, па во 2019 година веќе имаше повеќе од милијарда преземања.

Сепак, најимпресивната бројка се однесува на заработката. Имено, играчите од нејзиното објавување до денес потрошиле околу 3,6 милијарди долари. Во тој период, во 2019 година, била остварена рекордна заработка за „Покемон Го“, кога играта заработила 906 милиони долари.