Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наглите промени на температурите најмногу влијаат на физиолошката состојба на малите деца, чиј организам сѐ уште не е адаптиран на надворешните услови, на младите во пубертет поради хормоналните промени, како и на трудниците и на жените во менопауза

Вртоглавици и варијации на крвниот притисок се најчестите причини поради кои пациентите се јавуваат во службите за брза помош – 194. Наглите и големи промени на температурите влијаат и на здравите и на болните. Лекарите предупредуваат да се внимава и кога ќе почнува да се стоплува, особено оние што имаат проблеми со зголемен крвен притисок.
– Имаме зголемен број повици од пациенти што се соочуваат со вртоглавици, како и со варијации на крвниот притисок – вели д-р Весна Неделковска, од скопската служба за брза помош.

Лекарите советуваат да бидат внимателни пациентите што имаат проблеми со крвниот притисок во периодот пред повторно да се затопли. Ако се забележи зголемување на притисокот на околу 130/90 тој мора редовно да се контролира. На 140/90 веќе треба да се прима терапија.
– При промена од ладно кон топло притисокот може да се зголемува. Сме забележале дека освен пациенти со висок крвен притисок има и повеќе мозочни удари. Нашиот совет е редовно да се контролира притисокот и да се пие пропишаната терапија. Се разбира, кога е потребно и да се побара лекарска помош. Крвниот притисок не треба да биде повисок од 140/90. Ако не се контролира ги оштетува крвните садови – објаснува д-р Неделковска.

Временските промени се физиолошки стрес на кој организмот се обидува да се адаптира. Притоа различно реагираат телото на здрав и телото на болен човек. Промените многу ги чувствуваат и метереопатите. Најчестите симптоми што ги чувствуваат се главоболка, потиштеност и непријатна болка во коските и во зглобовите, замор, нагли промени на расположението, намалена концентрација, безволност, раздразливост, апатија и нарушување на сонот.

Наглите промени влијаат на физиолошката состојба на малите деца, чиј организам сѐ уште не е адаптиран на надворешните услови, кај младите во пубертет поради хормоналните промени, како и кај трудниците и кај жените во менопауза.
Наглите промени на времето експертите ги поврзуваат со глобалното затоплување. Освен нагли промени, климатолозите предупредуваат дека нѐ очекуваат суши, опустошувања на почвите, сѐ повисоки температури налето, услови за природни катастрофи, а со тоа и нови болести и зголемување на бројот на заболени од постојните, доколку сите земји не преземат мерки за да се намали уништувањето на стакленичката градина.

Од Управата за хидрометеоролошки работи за денес прогнозираат дека ќе има повремени врнежи од дожд и од снег, но кон крајот на денот ќе престануваат. В сабота ќе биде променливо облачно со провејување слаб снег. В сабота и в недела во утринските часови на повеќе места температурите ќе бидат под и околу нула, во интервал од -4 до 1 степен. Постепено затоплување ќе има од недела во текот на денот, кога ќе има локални врнежи, претежно од дожд.