Единаесетти октомври 2020 година

В недела, Македонија го одбележува светлиот датум – 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ.
На тој ден пред 79 години во Прилеп група млади од партизанскиот одред со име „Гоце Делчев“ извршија неколку борбени акции. Со договорениот знак – гонгот од 10 часот навечер чуен од градскиот часовник – ги нападнаа бугарскиот участок (седиштето на полицијата) и затворот, а ги прекинаа и телефонските линии, толку колку што Прилеп ги имаше во 1941 година.
Ден подоцна во Куманово група партизани извршија друга акција и со овие две акции е означен почетокот на борбата на македонскиот народ за протерување на бугарскиот фашистички окупатор и за национална и социјална слобода, борба што фактички заврши до АСНОМ 1944, кога беше прогласена конечната слобода на Македонија и нејзината државна самостојност. За време на војната поделената (подарената) територија на Македонија меѓу Бугарија и Италија повторно се соедини, во една матична држава на Македонците и националните малцинства што живееја во неа.
Востанието што почна на 11 Октомври, а потоа се претвори во сеопшта борба, е единственото успешно востание на македонскиот народ во неговата долга историја.

И временски и историски со право се смета како продолжение на Илинденското востание, но овој пат под водство на Комунистичката партија и на младата македонска интелигенција. Не случајно партизанските одреди и другите воени единици ги добиваа имињата на славните македонски револуционери Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански.
Борбата не се водеше само против бугарската окупациска администрација, туку и за ослободување од оковите на кралска Југославија, со која Македонците неколку децении делеа заедничка историја. Наредувајќи се меѓу народите што ја сочинуваа антифашистичката коалиција во Втората светска војна, македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата и го оствари сонот да има своја слободна држава во која слободно ќе зборува на својот македонски јазик и ќе пишува со буквите од сопствената азбука.
Нема никакво сомнение дека 11 Октомври е еден од најсветлите датуми во македонската историја гледано од историски, политички и социјален аспект. Ако нешто може да му се забележи, но од денешна гледна точка, тоа е подоцнежната определба на заедничката држава Југославија, а со тоа и на Македонија, кон комунизмот како идеологија, иако во тие години друга опција беше невозможна и исклучена. Но и во тој систем Македонија направи економски, инфраструктурен, образовен, здравствен, културен, спортски, ако сакате наречете го и душевен, вековен скок – од селска, колонијална Јужна (српска) Бановина израсна во модерна држава – република.

Како и сѐ друго во животот, како што минува времето бледнеат спомените, така сѐ помалку се празнуваат и празниците. Со нови генерации, во нови политички околности се губи сјајот што го имаа во почетните години. Може да не се празнуваат, да не се одбележуваат како политичко-историски настан, но не смеат да се забораваат или да се избришат не само од историјата туку и од народната свест, од наследниците на оние што биле учесници и сведоци на таа македонска епопеја.
Република Македонија до осамостојувањето се потпираше на двата македонски празника – Илинден и 11 Октомври, ако не го сметаме датумот 29 Ноември, кој беше општојугословенски. Нема да соопштиме ништо необично ако кажеме дека и во тоа време двата датума беа во некоја меѓусебна конкуренција за примат. Во политичките кругови, како и меѓу граѓанството, секогаш беше отворено прашањето кој датум е поважен, кому да му се дава предност – дали на Илинден (Илинденското востание и АСНОМ) или на 11 Октомври, иако трите сочинуваа една целина – првиот Илинден на 2 Август 1903, вториот на 11 Октомври 1941 и третиот на 2 Август 1944.
Во тој контекст, 11 Октомври бил особено на удар. Неговото основно именување беше Ден на востанието на македонскиот народ. Со текот на времето од политичките форуми, а и од новинарите, во честа употреба почна да се наметнува именувањето како – Ден на македонското востание, Ден на востанието на Македонија, па дури и само Денот на востанието. Значи не само што му се намалуваше вредноста на атрибутот „македонски“ туку не се спомнуваше против кого и против што било тоа востание, против кого таа борба е поведена.

Постарите Македонци, особено тогашни членови на Сојузот на комунистите, сигурно се потсетуваат дека тоа прашање како сериозна дилема се наметна пред највисоките партиски органи во 1972 и 1973 година. Тогаш се одржаа познатите седници на ЦК на Македонија, кога старата партиска структура ја порази и ја елиминира младата надежна екипа што бараше промени во партијата и поголеми републички права во Федерацијата. Имено, под маската дека Македонија ја зафатил бран на национализам разрешени беа од функции сите оние што ја критикуваа власта за слабостите што ги покажуваше и пројавуваа посилни национални барања.
Што беше конкретниот повод, освен личните пресметки затскриени зад завесата на политиката. За тоа беше искористена поведената дебата кому треба да му се даде поголемо значење, кој да добива поголем државен примат при одбележување годишнини на празниците – дали Илинден или 11 Октомври. Конкретен повод беше една свечена академија по сценарио на Анте Поповски, во кое се величеше периодот на Илинден, а умешно се критикуваа новото време и постпартизанските постапки. На тие „славни“ седници, затворени за јавност, форсирањето на Илинден беше означено како пројава на македонски национализам, а критиката кон власта, односно намаленото значење на 11 Октомври, како напад и загроза на социјализмот и на придобивките на работничката класа.

И низ осамостојувањето „првото ВМРО“, со Љупчо Георгиевски на чело, а означено како експонент и продолжена рака на бугарските и западните тајни служби, со сите сили се трудеше да ги негира датумите поврзани со македонската борба за слобода во Втората светска војна, да ги намали нивната вредност и историчност. Вложи големи напори да ги омаловажи нејзините водачи и учесници, да ги исмева придобивките на државата и народот и да бара ревизија на најсветлите периоди од македонската историја. Низа околности придонесоа тој антимакедонски процес да запре, но времето ни покажува дека не е угаснат, трае со учество на повеќе страни.
И денес, на овој 11 Октомври 2020 година, не треба да се биде пророк за да се предвиди дека овој датум како голем ден во македонската историја го очекуваат нови искушенија. Тие искушенија произлегуваат од неофашистичките барања на бугарската влада за ревизија на целокупната македонска историја. Во првата фаза тоа барање се однесува на настани и личности на Балканот безмалку од појавата на човекот до првата половина на 20 век. Втората фаза ќе биде од 1941 година, кога бугарската окупаторска војска згазна во Македонија, и ќе се одвива под силна пресија Бугарија да го добие во европски мир она што го изгуби во светска војна.

Негирањето на значењето на 11 Октомври и 2 Август со АСНОМ ќе биде главната оска околу која ќе се врти втората фаза од новата бугарска непријателска агресија врз Македонија и Македонците. Обезвреднувањето, омаловажувањето, барањето промена не само на наративот, туку замена на историските вистини со бугарски фалсификати е она што македонските граѓани треба да го очекуваат. И да се надеваат на соодветни одговори од македонска страна ако сакаат да си ја зачуваат државата, да си ги задржат јазикот и писмото и личната национална слобода како граѓани на Европа. Секое друго исходиште не само што ќе биде антимакедонско и антиисториско туку ќе има несогледливи последици по идните генерации.