Стотина деца уживаа во претставата „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, насловена како и проектот што општината Центар го реализира летово. Претставата беше дел од детската драмска работилница што се одржа во паркот Капиштец, како трет настан од проектот на локалната самоуправа „Во Скопје сум, на одмор сум – општина Центар мисли на мене“. Актерите од Театарот за деца и млади, Дарко Богески, Марија Горгијовска и Мики Анчевски два часа ги анимираа децата и ги воведуваа во тајните на драмската уметност. Ги учеа што претставуваат улогите, како се подготвуваат актерите за претстава, што е сцена.

Некои од децата што присуствуваа на настанот имаа можност да учествуваат во неколку драмски игри, меѓу кои и „Црвенкапа“. Некои, пак, учеа како се изработуваат костими, на малата костимографска работилница и ги цртаа своите омилени анимирани ликови.
Најинтересен дел од работилницата беше претставата насловена „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, која ја одиграа актерите Мики Анчевски и Марија Горгијовска. Со неа на децата им ја упатија и главната порака дека дружењето и заедничката игра под отворено небо се меѓу најважните нешта во детството. Од општината Центар велат дека од досегашните работилници се задоволни и родителите. ­