Творовите се со игрив и љубопитен карактер и ќе го бараат вашето целосно внимание, барем додека се будни, бидејќи спијат по 20 часа на ден

Твор (лат. Mustela putorius) е диво животно, граблив цицач од семејството куни, познат по тоа што кога е загрозен или многу возбуден, со шприцање исфрла смрдлив секрет од жлездата под опашката. Оттука и изреката дека нешто смрди како твор. Во последно време љубителите на животни го избираат и како домашен миленик.
Пред да се одлучите да земете твор како домашно милениче, бидете сигурни дека ќе можете да му овозможите сѐ што му е потребно за неговото здравје и нега, во спротивно дома ќе имате вистински мал ѕвер. Имајте на ум дека творот многу лесно се врзува за својот сопственик, па ако сметате дека не сте доволно истрајни и трпеливи, размислете за земање друг миленик.

Чувањето на овој мал цицач е голем предизвик. Творовите се со игрив и љубопитен карактер и ќе го бараат вашето целосно внимание, барем додека се будни. Добрата вест е дека творовите сакаат многу да спијат, тие поминуваат околу 20 часа на ден во спиење. Преостанатиот дел од времето е за дружба и игра, па доколку сметате дека немате да му посветите барем два-три часа на ден, тогаш се препорачува да купите два одеднаш, за да можат да се дружат меѓусебно и за да не станат деструктивни од досада.

Шетањето, ловот или игрите со криење се омилени активности на овие слатки ѕверчиња. Тие се флексибилни и вешти и можат да се провлечат и во отвор со дијаметар од 2,5 сантиметри. Многу лесно може да ви влезат под кожа, но, внимавајте, тие потекнуваат од семејството ѕверови, па затоа никогаш не оставајте ги во близина на деца без надзор.

Карактеристики

Иако голем број луѓе веруваат дека творовите се смрдливи животни, всушност хигиената ним им е навистина важна, а двете анални жлезди испуштаат непријатен мирис само кога се исплашени. Со оглед на тоа дека тие се друштвени животни, се поврзуваат со луѓето. Стерилизирање на вашето домашно милениче може да овозможи мирисот да се минимизира, речиси и да го нема.
Телото на творот е во облик на цилиндар и може да порасне до 70 сантиметри во должина. Постојат три вида африкански твор: албино, препознатлив по белото крзно и црвените очи; бели темни очи, или БТО-твор, светлокремаста боја со розов нос, шарен твор, крзното му е прошарано со темни и светли бои.
Женките тежат до 1,2 килограм, додека мажјаците може да достигнат и до 2 килограми. Животниот век им е од пет до десет години и тие не можат да преживеат сами во дивина. Поради силниот сексуален нагон, женките не може да преживеат без стерилизација. Творовите се доста груби при нивната меѓусебна игра, па така ќе се однесуваат и со вас, сѐ додека не им поставите граници.

Исхрана

Творовите се месојади и спаѓаат во семејството на ѕверови. Покрај специјализирана храна за творови, тие исто така сакаат да јадат и свежо сурово, одмрзнато сурово, готвено или печено месо без зачини. Готовата храна може да се надомести и со храна што е наменета за мачки. Многу е важно храната да содржи поголем процент протеини од животинско потекло (над 34 отсто) и маснотии (над 20 отсто) и што помал процент на житарки. Од друга страна, пак, храната за кучиња воопшто не е за творови, може да им се даде риба, но со предупредување, бидејќи таа може да го зајакне мирисот на нивниот измет.
Младите творови се одбиваат од цицање со навршени осум недели, а може да јадат и друга храна уште од четвртата недела. Своите прехранбени навики ги стекнуваат до четвртиот месец од животот, а потоа тешко прифаќаат непозната храна.

Здравје

Здравиот твор ќе го препознаете по неговите бистри очи, влажна муцка, чисти уши, бели заби, розово непце и јазик, а неговите влакна треба рамномерно да бидат распоредени, без дупки низ крзното.
Творовите имаат влакна и подвлакна, па кога ќе дојде време за митарење, можете да им дадете малку вазелин, за полесно да им се сварат проголтаните влакна. Она што е специфично кај нив е дека можат да се заразат и со човечки болести и на тој начин да завршат со настинка или грип. Исто така, чувствителни се и на високи и ниски температури, на кои не треба да ги изложувате.
Голем проблем се неспецијализираните ветеринари, затоа не заборавајте да се распрашате за ова пред да купите вакво домашно милениче.

Живеалиште

Творовите бараат многу слобода и движење и не можат да преживеат исклучиво во кафез. Ако не сте подготвени да издвоите дел од станот за неволјите на ваквиот миленик, тогаш тој во никој случај не е за вас. Тие се склони кон истражување и сакаат да се кријат на места за кои не сте знаеле (затоа не се препорачува да ги оставите без надзор). Нивниот кафез треба да биде со големина од најмалку 80 х 50 х 60 сантиметри, по можност на две нивоа, со висечки кревет, каде што миленикот ќе помине најмногу време кога е во кафезот. Бидете сигурни дека дното на кафезот е исто така добро обложено за спиење, можете да им направите легло изработено од природни материјали. Нужда вршат во пластичен сад и се препорачува да ставите дрвени брикети во него, затоа што силиконскиот песок или струганиците може да предизвикаат проблеми во нивниот респираторен систем. Садот мора да се чисти секој ден и барем еднаш неделно да се дезинфицира.
Осигурете се дека кафезот е поставен на место каде што сонцето не влегува директно во него, нема влага и нечистотија, не е на провев и не е во многу топла или многу ладна просторија. Идеална температура за нив е помеѓу 15-21 степени.

Дресирање

Многу е важно правилно да го дресирате творот. Тие се упорни и тврдоглави и не реагираат на казнување. Никогаш немојте да го воспитувате со удирање, така творот создава страв од раката и може да ве гризне кога ќе направите нагло движење. Се дресира со награда за добро направено дело, па затоа секогаш при рака имајте парче свежо месо за да го наградите. Со својот миленик можете и да одите на прошетка, тој ќе ужива во истражување нови површини, но внимавајте ако има мачки и кучиња во близина.