Во издание на „Просветно дело“ деновиве од печат излезе една многу симпатична и оригинална книга. А што ја прави посебна? Тоа што сите илустрации, како и илустрацијата за корицата, се нацртани не од илустратор, не од уметник туку од едно мошне талентирано и креативно девојче, кое се вика Невена Поцкова и живее во Радовиш.

– Јас ја запознав Невена кога таа имаше 11 години… Кога ја слушна мојата тајна за црвената гума, таа набрзо почна да црта. Цртежите многу ми се допаднаа. И, ете, така се роди оваа сликовница – ни раскажа писателката Вера Андон, која е голем и верен пријател на децата.
Оваа книга ја подготвија главната уредничка Весна Дукоска, уредничката Ксенија Трајчева и лекторката Љубица Севдинска, а дизајнот на корицата е од Сузана Томовска.

Првата промоција на „Тајната на црвената гума“ се случи во градот на Невена, Радовиш, на литературната манифестација „Пролет на сребрените соништа“, каде што авторката Вера Андон ја претстави книгата пред најубавата и најискрена публика – децата.
Сите знаеме дека гумите служат за бришење во тетратката ако нешто сме згрешиле, но, ете, во оваа сликовница се раскажува за една гума што чува тајни. А какви тајни чува ќе дознаете ако ја земете в раце и ако ја прочитате. Ф.Д.