Ниедна косовска партија не сака Хашим Тачи да ги води разговорите со Белград, затоа што неговата мисија како преговарач ја сметаат за неуспешна. Ова е заклучокот на тркалезната маса под наслов „Во потрага за консензус: дијалог Косово – Србија и перспективите за проширување на ЕУ“, пренесува КТВ.
Пратеникот Бијал Шерифи смета дека преговарачката мисија на Тачи, со спортски речник, би значела испаѓање на клубот од лигата и побара тој да биде подалеку од преговарачката маса. Ахмет Исуфи, од Алијанса за иднината на Косово, вели дека партиите треба да ја преземат преговарачката мисија, затоа што Владата во Косово има внатрешни проблеми. Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека дијалогот со Белград е тежок, но тоа е единствен начин да се тргне напред.

– Наредните денови и недели ќе бидат клучни за консолидација на Косово како држава – изјави тој на форумот на кој се дебатираше за иднината на Косово во наредната деценија.
На Косово се потребни длабоки реформи, а последните години имиџот на државата е нарушен поради фрлање солзавци на седниците на косовскиот парламент.
– Косово е успешна приказна, но сведоци сме дека институциите во последните години функционираат лошо. Настаните во Собранието испратија лоша слика за Косово, тоа се гледа од извештаите на медиумите во светот – вели Тачи.