Фото: Игор Бансколиев

Колку и какви филтри е потребно да се поминат за да се најдат луѓе со личен и професионален интегритет и кредибилитет, кои ќе бидат здрави претседателски кандидати во пресрет на изборната трка за претседател на државата? Кои се и дали воопшто има личности со таков профил за една од најистурените функции на извршната власт?

А само два месеца до денот кога ќе се избира шеф на државата, сѐ уште нема сериозно лансирани кандидати и нивни предлагачи. Политичките партиите сѐ уште тактизираат со фаворитите, иако во тие кругови веќе наголемо почнаа лицитирањата за можните кандидати за претседател.

Сепак, двете најголеми партии оставаат сериозна можност во изборната трка да влезат со натпартиски кандидати за татко на државата. На крајот на овој месец или на почетокот на следниот, на партиските конвенции ќе се донесат и конечните одлуки кој ќе биде избран за официјален кандидат за првата фотелја.
Се оценува дека ниту за СДСМ ниту за ВМРО-ДПМНЕ не е сеедно со каков профил на кандидат ќе истрчаат на претседателските избори, кои, всушност, ќе бидат увертира во парламентарните избори, доколку тие се случат во редовен термин треба да се одржат кон крајот на 2020 година. Но за термините на изборите, сѐ уште се во игра и други комбинаторики.

Секако, на номинациите за претседателски кандидат ќе влијае и исходот од политичките процеси што претстојат, пред сѐ поврзани со процесите за уставните промени околу спогодбата со Грција. Потоа, на номинациите ќе влијаат и внатрепартиски борби и дебати, како и јавните анкети за рејтингот на претендентите за претседателската функција.

Во меѓувреме, за издвојување е куриозитетот што сите македонски претседатели што себеси се декларирале како „татко на нацијата“, од одреден политички кампус жестоко биле дискредитирани, а нивната кандидатура, избор и победа биле етикетирани како „контроверзна“.

Стручна јавност со која се консултиравме вели дека тоа е така бидејќи сите македонски поранешни претседатели во својата кариера го носеле „партискиот багаж и печат“. Со таквата стигма, тие ниту биле ниту можеле да бидат обединувачка сила прифатена од сите граѓани во земјата, со атрибут – татко на нацијата.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека во земјата состојбата во која претседателите се приврзани за партиите од кои потекнуваат ќе се задржи до оној момент додека не се промени моделот на изборите.

Арсовски вели дека тоа е така бидејќи актуелниот модел за избор на претседател, во одлучувачка мера зависи од огромниот број гласови, кои единствено можат да ги дадат партиите, за да се извојува победа. Токму тој елемент ги прави нив де факто потчинети на партијата, а не во функција на граѓаните.

– Токму поради тоа претседателите имаат поданичко-вазалски однос со нивните партии – вели аналитичарот.

Според него, оваа негативна појава во македонската политика многу зависи и од начинот на кој државниците лично се поставиле во релацијата со партиите.
– Јас мислам дека македонските партии никогаш не би можеле да се доведат да функционираат по ова прашање на начинот на кој се врши изборот на претседателски кандидат на пример во САД. Тоа е така бидејќи правилата што важат во современите политички општества не важат и во нашата земја.
Политичкиот аналитичар смета дека доколку би постоеле соодветни востановени системи за вреднување, критериуми и стандарди, кои би се практикувале и во политичките партии, тогаш би имале и подобри претседателски кандидати и државници.

– Но за волја на вистината тоа е неизводливо во Македонија – вели Арсовски.
Слично размислува и аналитичарот Милан Стефаноски, кој вели дека во Македонија кога државниците ќе бидат именувани на својата функција, во политичкото дејствување тешко се оддалечуваат од матичната партија од која потекнуваат.
Стефаноски вели дека ваков не е примерот во светот, каде што клучните државници во одредена мера навистина се профилираат и се идентификуваат со државата, а не со партијата од која потекнуваат.

– Класичен пример за тоа се САД, единствено со исклучок на актуелниот претседател Доналд Трамп, кој, благо речено, има специфичен печат на неговото дејствување. Американските претседатели како по навика владеат со државата во својот мандат во името на националните интереси на земјата, а не во името на демократската или републиканската партија од која потекнуваат. На оваа политичка сцена во Вашингтон можеби треба да се угледа и Македонија, па во скоро време и нашите држaвници националниот интерес да го стават пред личниот и интересот на сите граѓани да го стават пред интересот на партиите – вели Стeфаноски.

Според аналитичарот, ваквото дејствување каде што државата е на прво место, во САД се должи и на начинот и на процедурата на која е избран претседателот.

– Нему прво му претстои трка во партијата на најниско ниво во матичната држава од која потекнува кандидатот. Потоа на федерално ниво внатре во партијата истиот кандидат или кандидатка се соочуваат со големиот број конкурентни од нивната матична партија, па откога ќе ја надминат и оваа трка дури тогаш на претседателските избори се натпреваруваат со противникот од спротивниот табор, кој на идентичен начин ги минал истите долги филтри во својата партија. Во овие многубројни тестирања на популарноста, во електоратот и во партијата, а потоа и во земјата се избира оној што има најширока поддршка од сите граѓани и највисок политички рејтинг. Во оваа долга процедура, за разлика од Македонија на пример, се избира онаа личност што ги задоволува општествените, моралните па и политичките норми со кои се идентификуваат повеќето од граѓаните на Америка – вели Стефаноски.
Политичкиот аналитичар Ристо Никовски, пак, смета дека со трета политичка опција единствено можат да се надминат опишаните политички состојби и дека најдобро би било таа опција да „заигра“ веќе на претстојните претседателски избори.

– Нашиот народ секогаш имал длабоко конфронтирани лидери. Тоа никогаш не било случајно ниту резултат само на нивните слаби национални и државнички капацитети. Тие биле жртви на игрите околу Македонија, било на соседите, било на другите меѓународни фактори. Така било и кога сме биле без своја држава, така е и сега кога не знаеме да ја владееме и зачуваме оваа што ја имаме. Поделеност имаше и за време на Југославија ама последиците не беа толку страшни, иако не беа за потценување. Овие наши болки нагласено се манифестираат по независноста на државата кога до целосен израз доаѓаат туѓите интереси и последиците се видливи со голо око – вели Никоски.

Во контекст на овие актуелни случувања за забележување е фактот дека по десет години на позицијата претседател на државата, актуелниот Ѓорге Иванов пролетва ќе ја напушти таа функција. Иванов е единствениот претседател во независна Македонија што двапати е избиран од граѓаните на непосредни избори. Неговиот втор петгодишен мандат истекува пролетва. Иванов заминува од функцијата во атмосфера на амбивалентен впечаток за него во јавноста. За едните тој е бранител на македонски интереси, а за другите, пак, послушник на партијата што го кандидира за претседател. Неговиот претходник Бранко Црвенковски од премиерската, седна во претседателската фотелја. На третите вонредни претседателски избори во април, 2004 година, Црвенковски како кандидат на СДСМ, победува и застанува на чело на државата до 2009 година. ВМРО-ДПМНЕ ги оспори изборите со образложение дека Црвенковски е избран без цензус, а опозициската партија го именува во јавноста како лицето „Б.Ц.“.

На крајот од 1999 година, како кандидат на десноцентристичката влада на Љубчо Георгиевски, Борис Трајковски станува втор претседател на Македонија, но и овие избори остануваат под превезот на партиски обвинувања. Според бројот на гласовите, Трајковски во првиот изборен круг беше далеку зад тогаш првопласираниот Тито Петковски. Но во вториот изборен круг, Трајковски ја понесува победата, која беше прогласена за Пирова, добиена преку „контингент гласови на Албанците“. СДСМ тогаш Трајковски го нарече „граѓанинот Борис Трајковски“. Новинарската фела Трајковски го нарекуваше „човек – изјава“, бидејќи тој имаше скромно политичко искуство и од позиција на заменик-министер за надворешни работи во 1998 година, во екот на бегалската криза на Косово, тој ја изгради својата кариера со изјавата за бегалците, кои пристигнуваа во Македонија, а беше насочена кон меѓународната заедница, која гласеше: „Пратете авион и земете ги бегалците“.

Првиот македонски претседател, Киро Глигоров, застана на чело на државата на 18 септември 1991 година, на 74 години што го вброи во групата на „најстари“ претседатели во светот. Тој во два мандата ја водеше Македонија, во првиот мандат беше избран во Собранието, а во вториот на непосредни избори. Тогашната партија ВМРО-ДПМНЕ во деведесеттите години го оспори легитимитетот на Глигоров, со образложение дека големата поддршка во гласовите е „изборен фалсификат“, а најголемата албанска партија во тоа време, ДПА, нескриено го обвинуваше Глигоров дека ги игнорира правата и барањата на Албанците во земјава.

Нешто слично се случуваше и со претседателските противкандидати, односно оние што ја изгубија трката на изборите – режисерот Љубиша Георгиевски, хирургот Сашко Кедев, професорите Љубомир Фрчковски и Стево Пендаровски и пратеникот Тито Петковски. И за нив, не само за избраните претседатели, оној друг дел од јавноста на идентичен начин го оспоруваше нивниот легитимитет, поради нивна преголема партиско-политичка политизираност, а поради тоа и неможноста да бидат татко на нацијата во полн капацитет.