Мичо Поповски беше еден од првите кајакарски репрезентативци на поранешната држава СФРЈ од Македонија. Неговиот син Лазар ја продолжи семејната традиција и дури четири пати учествуваше на Олимписките игри

Не се ретки случаите кога во едно семејство има повеќе членови што се занимаваат со еден ист спорт. Таков случај имаме и кај нас, со семејството Поповски. Таткото Мичо го одбра кајакот на диви води како спорт на својата младост, за потоа и неговиот син Лазар тргне по неговите стапки. Така, на некој начин, кајакот на диви води стана семеен спорт во кој и двајцата постигнаа врвни резултати. Мичо, кој, за жал, пред една година ја напушти животната сцена, беше еден од првите наши репрезентативци. Лазар или Лазе како што многумина го познаваат, сакајќи да продолжи онаму каде што застана неговиот татко, го зачува татковиот аманет и почна уште на млади години амбициозно да тренира прераснувајќи во врвен спортист. Колку беше Лазе квалитетен кајакар, говори и фактот што настапи на дури на четири летни олимписки игри (ЛОИ), 1992, 1996, 2000 и 2004. Според бројот на настапите, Лазе и борачот Шабан Сејдиу се македонски рекордери. А куриозитетот да биде уште поголем, на сите тие големи спортски собири, Лазе беше следен од својот татко, кој ја имаше улогата на тренер.

Интересен е фактот што и Мичо беше на прагот да настапи на ЛОИ. Во 1972 година тој беше кандидат за настап во Минхен, но повредата на рамото го оддалечи од тој елитен светски спортски настан. Во тогашниот југословенски состав во кајак на диви води имавме само еден претставник, Миле Спасовски, кој, пак, за радост на љубителите на спортот во Македонија, го освои високото 9-то место. Токму тој момент и неучеството на ЛОИ, како да беа решавачки за натамошниот тек на кариерата на Мичо Поповски. Тој продолжи со тренинзите, но не со таков жар и ентузијазам како порано. Неговите погледи од тој момент повеќе беа свртени кон вклучување во тренерската и организациско-техничката работа во кајакарскиот спорт. Тука беше успешен и многу акции потекнуваа токму од него. Долг период беше еден од главните носители на најпознатата традиционална приредба кај нас, на која своевремено и тој настапуваше, Илинденскиот кајак-слалом (ИКАС), кој и ден-денес се одржува и практично нѐ потсетува дека Македонија отсекогаш го негувала овој спорт. Мичо беше и еден од оние, кои максимално се вклучија во организацијата на светските првенства во слалом и спуст, што се одржаа на Треска и на Радика во 1975 година и на Европското првенство (ЕП) во кајак-слалом за сениори во 2004 година.
Лазе откри една вистина за својот татко. Имено, Мичо спортскиот живот го почнал не како кајакар, туку како фудбалер!

– И во овој спорт беше многу успешен. Мичо беше член на онаа одлична младинска школа на ФК Вардар, која го освоила и младинскиот Куп. Тој играл на позиција напаѓач и бил задолжен за постигнување голови. Но дедо ми не сакал неговиот син цел живот „да трча по топката“, па затоа го запишал на факултет и барал од него акцент да стави врз учењето, а не врз фудбалот. Мичо, пак, како и секој млад човек, сакал да спортува и некако криејќи се, се приклучил кон кајакарите. Домашните и не знаеле дека покрај фудбалски, во паркот имало и кајакарски клуб. Водените алишта со кои доаѓал дома, најнапред ги криел, но тоа не можело долго да трае и на крајот вистината излегла на површината. Така, Мичо, наместо фудбалер станал одличен кајакар-репрезентативец, а потоа и првак на поранешната држава СФРЈ, во слалом и спуст – раскажува Лазе.

ДЕТСТВО МИНАТО СО ПОЗНАТИ СПОРТИСТИ

Живеејќи во семејство во кое таткото беше спортски настроен, нормално беше да се очекува дека и синот ќе тргне по неговите стапки. Многумина што го мислеа и го очекуваа ова – не се измамија. Лазе продолжи по семејниот спортски пат, кој уште од млади години му го трасираше неговиот татко.
– Живеевме во населбата Острово од која излегоа многу познати спортисти. Тука живееја познатиот фудбалски репрезентативец и голгетер Зоран Бошковски-Чоко, потоа Светомир Здравковски, фудбалер со меѓународна кариера, Игор Саша Николовски-Гигец, кошаркарот Врбица Стефанов и други. Растејќи во една таква средина, а потекнувајќи од спортско семејство, нормално беше и јас да се определам за некој спорт – се присетува Лазе и продолжува.

– Некако беше нормално да се занимавам со кајакот, зашто преку татко ми веќе бев навлезен во тајните на овој спорт. Татко ми Мичо, кој речиси сета младост ја мина настапувајќи на многу трки на најдивите реки во Европа, ми ја всади љубовта кон овој спорт на храбрите. И јас, нормално, посакував да ги достигнам и надминам неговите резултати, па токму таа мисла како да ме водеше во текот на целата моја кариера. Не ми требаше некоја посебна мотивација, едноставно сфатив дека ако веќе се занимавам со некој спорт, тоа треба да го правам сериозно и без посебни импровизации. Добро знаев дека до врвен спортски резултат се доаѓа само со работа и со реализирање на еден квалитетен тренажен процес – нагласува Лазе.

УСЛОВИТЕ НЕ ДОЗВОЛУВАА СЛЕДЕЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА

Патот кон успехот и првите резултати не беше лесен. Требаше да се мине низ многу неизвесности, за да се стигне до целта. А таа цел, во тој период додека сѐ уште живеевме во една држава, беше да се стигне до репрезентацијата. За разлика од другите спортови, Македонија во кајак на диви води отсекогаш имала спортисти со кои можела да се гордее. Да се потсетиме на Трајко Јовковски, кој беше десеткратен југословенски шампион, потоа Миле Спасовски, првиот кајакар-олимпиец, потоа генерацијата на Контраденко, Ивановски, Чемерикиќ, Шевченко, Василевски и уште неколкумина, кои беа во самиот југословенски врв.

– Уште како дете сум слушал за нив и нивните резултати. Татко ми ми раскажувал за многу трки и доживувања, а и за нервозата која била присутна особено кај Словенците, кога од македонските кајакари не можеле глава да кренат на тогашните државни првенства. Но, тоа беше едно друго време, кое се потпираше најмногу на ентузијазмот и желбата да се успее. Во мое време работите многу се изменија. Ние ги немавме тие услови што ги имаа Словенците и Хрватите, па тоа нормално дека се одрази и на резултатите. За мене ќе беше голема работа, на пример, ако на ИКАС или на изборните шампионати на поранешна СФР Југославија, ќе се пласирав меѓу првите тројца – појаснува Лазе.

Меѓутоа првите настапи на Лазе, уште како младинец во 1987 година беа охрабрувачки. Тој иако сѐ уште беше пионер, во младинска конкуренција на шампионатот во Храстник, беше пласиран меѓу првите 15 во тогашна СФР Југославија.
– Тоа за мене беше охрабрувачки пласман, зашто да не заборавиме дека во таа конкуренција учествуваа подоцнежните носители на олимписки и светски медали, Андраш Веховар, Дејан Краљ и Андреј Гликс. Значи конкуренцијата беше пеколна и требаше многу да се работи за да се стигне до нив. Сепак и во една таква ситуација во 1990 година на изборните натпревари на СФР Југославија бев второпласиран, што веќе претставуваше резултат за почит, па бев дел и од младинската репрезентација. Но, токму во тој период почна да се чувствува распадот на поранешната држава СФР Југославија, па некако и спортистите се затворија во границите на своите идни држави. Секој почна да размислува за себе, па така беше и со Македонија. Многу не се чекаше, и во март 1992 година беше формиран Македонскиот олимписки комитет (МОК) – вели Лазе.

СО 18 ГОДИНИ НА ОИ ВО БАРСЕЛОНА

Во тој прв период по осамостојувањето на Македонија, иако со проблеми околу нејзиното признавањето, сепак на нашите спортисти им беше овозможено учеството на ЛОИ во Барселона. Блиските контакти што ги имаа челните луѓе на МОК, Васил Тупурковски и Владимир Богоевски со тогашниот претседател на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Хуан Антонио Самаранч, беа од решавачко значење нашите олимпијци да настапат како независни, а под знамето на ИОК. Ист беше случајот и со репрезентативците што доаѓаа од земјите на поранешниот СССР.
На својата олимписка промоција како самостојна држава во составот на Македонија, покрај другите беше и Лазе Поповски, кој по две години стана првиот македонски спортист што ја доби стипендијата „Олимписка солидарност“ од страна на ИОК.
– Со неполни 18 години требаше да влезам во дуел со искусните асови. Тоа беше тешка и одговорна задача за мене. Со оние за кои до вчера мислев дека за мене се недопирливи сега требаше да се натпреварувам. Но, стиснав заби и ги извозев двете слаломски трки, и на крајот бев 34-ти. Сепак, посилна од мислата за тоа каков пласман ќе имам, беше одговорноста што ја имав, зашто настапот за репрезентацијата го сметав како патриотски чин – вели Лазе.

Поповски и денеска кога зборува за тие олимписки денови, истакнува дека објективно и не можело да се очекува нешто повеќе, оти во нашиот олимписки тим недостигале многу работи од аспект на логистичката поддршка, што не било случај со другите. Сите репрезентации имале цели тимови што се грижеле за еден или за двајца кајакари.
– Кај нас не беше таков случајот и што е интересно ништо не се смени во тој поглед, сѐ до крајот на мојата кариера. Секогаш ќе имаше нешто што ќе се појавеше како пречка! Сепак, бев среќен што барем покрај мене, постојано беше мојот татко Мичо, кој ја имаше улогата на тренер. Се потпирав на него, тој беше сета моја логистика – констатира Поповски


Лазар Поповски

Роден e 1975 година во Скопје.
Кариера: КК Илинден 90, репрезентација на Македонија и младинска репрезентација на СФР Југославија.
Успеси: Повеќекратен шампион на Македонија во слалом, пласмани меѓу првите тројца на повеќе меѓународни трки и на домашниот ИКАС, бронза на ЕП (до 23 год.), учесник на четири ЛОИ, најдобар пласман 16-то место на ЛОИ 2004 во Атина, 6-то место на ЕП за сениори во 3xК-1 слалом во 2004, 10-то место во СК, спортист на Македонија за 1999 година, добитник на наградата „13 Ноември на градот Скопје“.


Мичо Поповски

Роден во 1947 година во с. Горничево, Леринско, починал 2017 г. во Скопје.
Кариера: КК Илинден 90, репрезентација на СФР Југославија.
Успеси: Државен првак во спуст и слалом на СФР Југославија,
Тренерска кариера: Учесник на четири олимпијади