По учеството во емисијата „Никогаш не е доцна“ публиката се сети на мене и сега има желба повторно да ме гледа и да ме слуша, вели неуморната Добрила

Деведесетгодишната уметница Добрила Ивановска Чабриќ, која својата енергија и уметнички потенцијал сѐ уште обилно и несебично ѝ ги подарува на публиката, вниманието на јавноста повторно го привлече со своето учество во регионалното музичко шоу „Никогаш не е доцна“, чие финале наскоро ќе се одржи во Белград.
Всушност, тоа е нејзино своевидно враќање на сцената на некогашна Југославија преку музиката. Никој не остана рамнодушен на годините, изгледот, талентот, посебноста, но и на умешноста за хумор и животната енергија на Добрила по настапот во ова популарно шоу, каде што таа се избори за настап во финалето.
Како актерка таа играла во првата театарска претстава на македонски јазик „Платон кречет“ во Македонскиот народен театар. По единаесет години активна театарска кариера во МНТ, седум години поминува играјќи и пеејќи во театарот „Теразија“ во Белград, а потоа уметничкиот живот го продолжува како слободен музички уметник во дуото „Нанос“, каде што настапува со Лари Нанос.
Нејзината кариера бележи турнеи во Кипар, Бугарија, САД, Русија, Франција, настапи пред Марија Калас, концерти со Тереза Кесовија, со Виолета Томовска, со грузиската група „Диело“ и многу други.

Што значи за вас учеството во шоуто „Никогаш не е доцна“?
– Јас не знаев за ова шоу и немаше никогаш да се пријавам, да не беше мојата пријателка Ратка Шулева. Се пријавив последниот ден и отидов во Скопје на аудиција. А таму гледам, во жири Виолета Томовска, со која бев на турнеја пред шеесетина години. Уживам во настапите и во дружбата со колегите и со публиката. Посебно ме израдува средбата со Маја Оџаклиевска, која ја чував додека мајка ѝ, а моја колешка, беше на театарската сцена.

Во 85-та година од животот, по педесет години пауза од театарските штици, застанавте на сцената и направивте бум со монодрамата „Методот на Мис Маргарида“ од Роберто Атајаде, а во режија на Виолета Џолева, која доби специјална награда на Фестивалот на монодрамата во Битола. Дали ова е прва монодрама во вашата актерска кариера?
– Да. Замислете по педесет години застанав на сцена и тоа првпат играв монодрама. Станува збор за учителка што држи час пред своите ученици и предавајќи биологија зборува за многу други важни работи во животот. Учителката што ја играм, најмногу предава за својот живот и на свој начин ги малтретира учениците, но и ги сака. Претставата завршува со порака дека треба да се прават само добри дела во животот. Во 45 минути, колку што трае и еден школски час, јас играм, пеам и глумам. За жал, МНТ на сцена ја постави само четири пати, а јас сум подготвена да ја играм и сега. Еве во Србија имам покана да ја одиграм во Југословенско драмско позориште, па веќе го преведувам текстот.

Со Петре Прличко 200 пати ја одигравте „Коштана“, добитничка сте на високи награди за актерство во Југославија, сте имале голем број главни улоги, игравте со врвни глумци што сега веќе не се меѓу нас. Бидејќи сѐ уште сте активни и во театарот и на музичката сцена, можете ли да направите споредба со некогашната уметничка сцена и оваа денес?
– Кога јас влегов во театарот во 1946 година, театарот за сите нас, глумците, а и за сите вработени претставуваше божји храм. Одевме на прсти в театар, не зборувавме гласно, не пушевме внатре, се сакавме и учевме со љубов. Најважното што го учевме беше дикцијата. Така успевавме да нѐ чуе секој гледач сѐ до последниот ред. Денешните актери не го умеат тоа. Си зборуваат меѓусебно и дури ни гледачите во првиот ред не ги разбираат. Како што вели мојата колешка Милица Стојанова, мора да се зборува не само гласно, ами и од душа. Ние учевме по Станиславски. Вклучувавме критика и самокритика, а денес нема ниту критика, ниту самокритика. Сега сѐ е ново и сѐ е поинаку. Тоа – новото, мене не ми е познато.

Со целото ваше огромно животно и уметничко искуство, што би му препорачале на денешниот млад уметник?
– Ако човекот има талент, талентот ќе го води… Талентираните луѓе се посебни. Талентот е нешто што не ти дава мир. Тој те гони. Ако го имаш, тој ќе ти даде крилја да леташ и да го оствариш она што го носиш во себе.

Во регионов има неколку долговечни актери, како Бранка Веселиновиќ и Власта Велисављвиќ од Србија и Стојанка Мутафова од Бугарија. Според вас, дали таа долговечност, освен на гените, здравиот живот се должи и на убавата и плодна кариера и професионалната исполнетост?
– Па, тука улога играат гените, но влијаат и условите во кои живеете. Јас живеам во Дојран покрај езеро и на чист воздух. Јадам лесна храна, најчесто вегетаријанска, пијам само вода, не пушам и не пијам алкохол. Постојано работам и немам време за стареење.

Кои се вашите планови за блиска иднина?
– Ме очекуваат настапите во „Никогаш не е доцна“, а потоа барањето начин како да продолжам со настапи, бидејќи со учеството во оваа емисија публиката се сети на мене и сега има желба да ме гледа и да ме слуша, па треба да се најде начин преку настапи да продолжам да се дружам со обожавателите. Исто така, се надевам дека наскоро на театарската сцена во Србија ќе биде поставена и мојата монодрама.

Филип Димкоски