Власта на Александар Вучиќ и Српската напредна партија може да се урне само ако опозицијата се обедини во една голема партија, која со својата структура може долгорочно да им се спротивстави на напредњаците, изјави Борис Тадиќ, претседателот на Социјалдемократската партија на Србија, во разговор за Н1.

– Оној што мисли дека со движења или со невладини организации, кои се важни, може да се смени овој систем, се лаже. Јас излегов со идеја што е поважна од бојкотот, кој е краткорочно средство, а тоа е да се формира една голема опозициска партија.

Бојкотот е важен од аспект на мобилизацијата на оние партии што сакаат да се борат против Вучиќ, но и да покаже дека опозицијата може да се обедини. Мора да се организира политичка партија, која со својата структура може долгорочно да се спротивстави на системот на СНС и да им парира во сите нивни политики, а тоа подразбира да има силни локални органи – нагласи Тадиќ.

Поранешниот претседател на Србија го истакна процесот на повторно здружување на помалите партии што произлегоа од Демократската партија. Интеграцијата на ДП, СДС и Заедно за Србија, подразбира формирање различни заеднички органи, но тоа не значи дека го попречува и интеграцискиот процес во Сојузот за Србија, кој дејствува како опозициски блок.

За одлуката на ДС, СДС, Заедно за Србија и на Сојузот за Србија да се бојкотираат наредните парламентарни избори Тадиќ рече дека во овие околности нема услови за фер избори.

– Поднесовме 42 барања за да учествуваме на изборите. Доколку меѓународните посредници издејствуваат да ги променат изборните услови и да се почитуваат тие услови, со определување нов рок за создавање нормална социјална состојба, а граѓаните сами да можат да одлучуваат кој е добар, тогаш би можеле да учествуваме на тие избори – вели Тадиќ.