Дело на Билјана Џурџевиќ (Србија)

Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови

Mеѓународна изложба насловена „Сè што ни е заедничко“ ќе се отвори вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност. Куратори на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова. Изложбата ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост. Во состојби на нестабилност, одредени популации и групи страдаат или се обесправени во нивните општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди.

Доколку општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но, исто така, она што нѐ разликува и нè одвојува од другите, дали можеме да пронајдеме практики што се насочени кон заедничко добро или да изградиме наша заедничка акција? Следствено, се поставува прашањето за можноста овие дисперзирани неспокојни субјективитети да дејствуваат заеднички. Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство. Оттаму, изложбата ја поттикнува свеста за општата несигурност, но и мотивирана акција.

Изборот на делата нѐ позиционира по прашањата како ги разбираме актуелните состојби и ни дозволува да размислуваме како личната визија, одговорност и заложба може да се споделени општествено. Учесници на изложбата се: Ана Адамовиќ (Србија), Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина), Жанета Вангели (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија), Христина Иваноска (Македонија), Славица Јанешлиева (Македонија), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Шејла Камериќ (Босна и Херцеговинa), Албан Муја (Косово), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу (Грција), Рената Пољак (Хрватска), Анри Сала (Албанија/Франција), Флака Халити (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Иштван Ист Хузјан(Словенија), Јане Чаловски (Македонија), Билјана Џурџевиќ (Србија).