Фото: Маја Јаневска-Илиева

Има многу придобивки од изучувањето на кинескиот јазик, главната е што ви се отвора можност да комуницирате со говорителите на овој јазик, кои ги има над милијарда, како и директно да се запознаете не само со една голема култура и древна цивилизација туку и со едно динамично модерно општество и економија

Кинескиот јазик е древен јазик со многу долга историја, кој го зборува една петтина од човештвото. Тој е еден од шесте службени јазици на Обединетите нации.
Сѐ повеќе Македонци сакаат да го изучат кинескиот јазик во Македонија, што се гледа по бројот на пријавените курсисти на почетокот од секоја учебна година. Во просек 100 лица годишно од најразлични возрасти го изучуваат кинескиот јазик во рамките на курсевите на институтот „Конфуциј“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во просек над 200 лица годишно ги изучуваат кинескиот јазик и култура. Светскиот ден на кинескиот јазик се одбележува на 20 април.

– Кина е најбрзо растечката економија во светот и билатералните односи помеѓу Кина и Македонија сѐ повеќе се продлабочуваат преку соработката во најразлични сфери, најразлични проекти и инвестиции. Поради ова интересот за Кина сѐ повеќе се зголемува, желбата да се разбере оваа земја што подобро и побрзо, го направи учењето на кинескиот јазик популарно. Учењето кинески јазик курсистите го гледаат како можност за вклучување во овој процес на соработка и можност да придонесат со своето знаење и професионални квалификации за продлабочување на билатералната соработка – вели Минџије Џанг, наставничка во институтот „Конфуциј“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Најголем предизвик при учењето на кинескиот јазик претставува кинеското писмо, односно знаците и изговорот, то ест 4-те тона.

– Бидејќи курсистите првпат се сретнуваат со ваков вид писмо, им треба време да ги совладаат основите и принципите на пишување на кинеските знаци. Истото тоа се однесува на изговорот и на тоновите, бидејќи првпат се сретнуваат со јазик што има тонови, совладувањето на концептот дека истиот слог изговорен со различен тон го менува целосно значењето, и дека треба многу да се внимава при изговорот на почетокот претставува тешкотија. Но со вежбање нашите курсисти успеваат да ги совладаат тоновите во кинескиот јазик. Освен кинескиот јазик, курсистите се особено заинтересирани за традиционалната кинеска култура, особено калиграфијата, таи чи чуанот и церемонијата за чај. Преку овие уметнички и духовни форми, кои се длабоко поврзани со принципите на древната кинеска филозофија и мисла, курсистите можат подобро да се запознаат со долгата кинеска историја низ кои премрежиња Кинезите со помош на овие принципи успеале да опстојат и да се развиваат – објаснува Џанг.
Во принцип за една година се совладуваат основите на кинескиот јазик и основното ниво на комуникација и писменост. За да се достигне понапредно ниво на комуникација и писменост потребни се 2 до 3 години.

Во кинескиот јазик има повеќе десетици илјади знака, но во секојдневниот говор најчесто се користат околу 3.000 знака. За секојдневна комуникација доволни се 1.000 знака, за читање весник и популарни книги потребни се околу 2.000 – 3.000 знака. Факултетски образованите владеат околу 5.000 до 6.000 знака, додека зависно од полето на научното истражување докторите на науки владеат и по десетици илјади знака.
– Во првата година курсистите изучуваат 600 – 800 знака, веќе во втората над 1.000 знака, третата нови над 1.000 знака итн. Тешко е да се каже, но би рекла дека владеам околу 5.000 – 6.000 знака – вели Минџије Џанг.

Во кинеската традиција еден знак соодветствува на еден слог, но изговорот варира зависно од дијалектот. Кина е голема земја и има огромен број дијалекти, но службен јазик е стандардниот кинески јазик, односно путонгхуа, кој се базира на пекиншкиот и други северни дијалекти. Во сите делови на Кина во образовниот систем се учи на стандарден кинески јазик, и тоа е јазикот што се користи во службената комуникација и медиумите. Во институтот „Конфуциј“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се изучува стандардниот кинески јазик.
– Има многу придобивки од изучувањето на кинескиот јазик, главната е што ви се отвора можност да комуницирате со говорителите на овој јазик, кои ги има над милијарда, како и директно да се запознаете не само со една голема култура и древна цивилизација туку и со едно динамично модерно општество и економија, која во светски рамки го редефинира концептот за економски развој и раст – додава Џанг.


За три-четири години се учи кинескиот јазик

Виолета Рендевска, курсистка на институтот „Конфуциј“, вели дека ѝ биле потребни шест месеци за да почне да зборува кинески. И според нејзиното искуство смета дека се потребни три до четири години интензивно изучување за да се запознаат околу 1.000 до 2.000 знака соодветни на академско ниво на образование или една до две за познавање на општите поими потребни за основна размена на информации.
– Во принцип секој јазик различен од мајчиниот е потешко да се изучува. Можеби оддалеченоста на НР Кина и до пред десетина години послабата размена на стоки, капитал и други меѓусебни интеракции прават кај нас да го перципираме кинескиот јазик како еден од најтешките. Но доколку имате за учители одлични професори и педагози, како што ги имаме ние во институтот „Конфуциј“, и доколку имате силна волја, со малку повеќе вложен труд, можете со сигурност да сметате дека со успех ќе го научите кинескиот јазик. Впрочем, тоа би бил рецептот и кај секој јазик, односно за постигнување каков било успех на полето на учењето – вели Виолета.
– Она што досега го имам забележано како потешко односно поразлично од македонскиот е изговорот на зборовите со оглед дека стандардниот кинески јазик има 4 тона, односно пеење, кои доколку не ги изговарате правилно, на зборот би му дале поразлично значење и тогаш не би се разбрале со соговорникот. Исто така, почетокот и пишувањето на знаците ми беше тешко бидејќи знаците се многу слични, а со сосема различно значење. И секако постојат посебни правила како знаците се пишуваат, кои мора да се совладаат – вели Рендевска.