Александар Кирковски

Љубителите на екстремните спортови се на различна возраст, образование, социјален статус. И во Македонија сѐ повеќе млади, но и повозрасни, се занимаваат со екстремни спортови

Било да трчаат во пустина, било да скокаат со падобран во костум или да нуркаат, многу луѓе во налетот на адреналин, понекогаш и страдаат. Експертите велат дека нивната мотивација не е во желбата да се умре, туку напротив, да почувствуваат дека се живи.
– Живееме во виртуелен, збунувачки, хипертехнолошки постмодерен свет во кој речиси сите трагаме по вистински искуства. На карпа или под некој огромен океански бран не постојат одредени правила или казни. Направи го тоа како што треба или ќе настрадаш. Потребен е максимален фокус и отсуство на сите други грижи. Во тоа можеби и лежи привлечноста – вели професорот на универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина, САД, Орин Стерн.

Карлос Педро Брисењо, 43-годишник од Флорида, се забавува на тој начин што скока со падобран, кој се активира опасно блиску до површината на земјата. Тоа, како што вели тој, максимално го окупира и го исполнува.
– Во таквите моменти 100 отсто сте хиперсвесни за сѐ и фокусирани сте само на тоа што го правите. Тоа чувство на страв предизвикува еден вид зависност, а како награда следува моментот на контролирање на стравот при безбедното слетување. Тогаш посакувате сѐ одново да повторите. Тоа ме возбудува, тоа значи дека сте живи и слободни, среќата што ја чувствувате во тој момент не се опишува. Тогаш не ви е грижа колку дена живот ви останале бидејќи поради она што моментално сте го направиле вреди и да се умре – вели Брисењо.

Анализата на пазарот на „Делавер норт“, компанијата што организира такви настани, покажала дека учеството во екстремните спортови, вклучувајќи ги и оние со фатални последици, понекогаш ги надминува конвенционалните спортови. Од компанијата предвидуваат дека до 2020 година екстремните спортови ќе им станат конкурентни на професионалните спортови како најгледана спортска содржина. Причина плус за тоа е и што на Интернет секојдневно се поставуваат сѐ повеќе содржини со екстремна тематика од кои застанува здивот.
Патувањата на главните дестинации за скокање, нуркање, сурфање и за качување по карпи, во Швајцарија, Франција, Норвешка, Австралија, Непал и во Бразил значително се зголемени.

Истражувањата покажале дека љубителите на екстремните спортови имаат различна биологија на личноста и образование. Психијатарот и предавач на универзитетот „Отаго“ на Нов Зеланд, д-р Ерик Монастеро, е еден од оние што укажуваат дека пресудни се мотивацијата, културните и социолошките фактори.
– Елиминирањето на ризиците е опсесија во западниот свет. Мораме да направиме игралишта и јавни површини совршено безбедни, бидејќи постојано се грижиме за физичките и менталните повреди што можат да настанат при таквите активности. Тоа стерилно опкружување е фрустрирачко и луѓето тежнеат за стимулација и за возбудување. Тука е и постојаната грижа поради состојбите во светот – вели Монастеро.

Во Македонија светските трендови доцнат и по две-три децении, така што ќе помине уште доста време додека спортовите како алпинизам, параглајдинг, фри-рајд скијање, нуркање, падобранство, бејс-џампинг и други станат вообичаени, масовни и општо прифатени, вели Александар Кирковски, човекот што се занимава со алпинизам и со брзинско искачување врвови. На Елбрус (5.642 метри) се има искачено (или го има истрчано) за 5:18,09 часа, на Мон Блан лани се искачи и се симна за неполни шест часа, од Попова Шапка до Титов Врв и назад оди, поточно трча, за 2,20 часа, а од полициската станица до врвот на Водно стигнува за 32,44 минути! За помалку упатените во оваа проблематика, појаснување дека за искачување на овие врвови во просек е потребно двојно, па и тројно повеќе време.

– Иако сме веќе во 21 век овие т.н. адреналински спортови сѐ уште се несфатени од мнозинството. Сепак, постепениот развој на спортовите на отворено во иднина сигурно ќе донесе напредок по ова прашање. Моите предизвици се невообичаените работи и новите нешта во планинарскиот спорт кај нас, бидејќи во светот сѐ е измислено веќе со години. За мене мотив е потребата од авантура, пораст на адреналинот и главно себенадминувањето, но и поставувањето нови повисоки стандарди за другите, тоа е она што ме тера напред, што ми носи посебно задоволство. Опасните ситуации се составен дел и природен е стравот, потребно е да го има во ограничена мера затоа што тоа е онаа блага кочница што нѐ чува – вели Кирковски.

Сепак, според него, тенка е границата и прецизното дозирање на стравот, да заштитува, но истовремено и да нѐ ограничува.
– Ќе се обидам да го цитирам Бојан кога во завршниот дел од филмот за траверсот на Матерхорн вели: „Качувањето е чиста среќа. Ништо, ама баш ништо друго не бара од тебе да се посветиш со таква страст, да го извадиш најдоброто што го имаш во себе. Тогаш тоа најмногу доаѓа до израз. И токму таму најдобро ја разбираш минливоста на нештата, што ти помага времето додека си со најблиските да го поминеш квалитетно“ – нагласува Кирковски.


Параглајдерството е екстремен, но и безбеден спорт

Дамите не заостануваат зад мажите кога станува збор за застапеноста во сите спортски активности, па и во оние адреналинските или опасните спортови, како што честопати се нарекуваат. Во Македонија, во параглајдерството, една од најпознатите, најдобрите, и меѓу оние со најдолг стаж, е Силвија Митевска.
– Со параглајдерство почнав да се занимавам на 15 години, како членка на параглајдерскиот клуб Букефал од Скопје. Иако важи за екстремен спорт, параглајдерството може да биде безбеден, доколку се следи обуката и се слушаат советите на инструкторот и на поискусните пилоти. Летањето во голема мера зависи од временските услови и постојат безбедни и небезбедни услови за летање, но важно е правилно да оцените кога е добро за вас да полетате. Досега не сум имала некоја поголема незгода, затоа што не сум ја потценила природата и не сум се преценила себеси како пилот. Упорност, многу тренинг и познавање метеорологија, се основа за да станете добар параглајдерист – вели Митевска.

Силвија Митевска

Качувањето карпи значи страв и задоволство

Даница Стојановска пред неколку години почна да планинари, од пониските до највисоките врвови во Македонија и во соседството. Летово планира да го искачи и Мон Блан. Во меѓувреме, како планинарењето да не ѝ беше доволно возбудливо, почна да качува карпи.
– Качувањето карпи е сериозна спортска дисциплина. Дисциплинираниот ум, менталната снага како и физичката подготвеност се неопходни за алпинизам. Јас предизвикот за качувањето карпи го гледам во отворањето некој нов аспект на мојот ментален склоп, во фокусираноста и самодисциплината при качувањето. Возбудата се зголемува при искачувањето и кулминира при пристигнувањето на врвот – на целта. И тука има една контрадикторната комбинација, страв и задоволство. Некакво чувство, јас можам, сѐ е во моите раце, секој потег, чекор, зафат… – појаснува Стојановска.

Даница Стојановска