Србиновски (стои трет од лево) во дресот на Југословенската репрезентација

Горан Србиновски (2)

Тој беше член на југословенската одбојкарска репрезентација, која на олимпискиот турнир во Москва, откако беше оштетена во мечот со Романија, на крајот се пласира на 6-то место. Неисполнети ветувања во Вардар

Еден од најдобрите македонски одбојкари, Горан Србиновски имаше интересна кариера, преплетена со клупски и репрезентативни настапи. Откако заигра во Вардар во 1975 година, веќе следната година се радуваше на шампионската титула во Југославија. Тогаш, бидејќи беше млад и уште неискусен, не беше најстандарден, а веќе следните години, кога во 1979 година беше освоен и Купот на поранешната држава, веќе беше клучен играч во вардаровата композиција.
Паралелно со настапите во скопскиот прволигаш, Србиновски заигра и за сениорската репрезентација, со која стигна и до Летните олимписки игри во Москва.

ПО СРЕБРАТА И БРОНЗИТЕ, КОНЕЧНО ЗЛАТО ОД БШ

Горан Србиновски едно од најголемите спортски разочарувања доживеа на Олимпијадата во Москва во 1980 година.
– Бевме во добра форма и игравме одлично, но во Москва бевме „жртви“ на голема судиска неправда. Имено, во мечот со Романија, кој решаваше која репрезентација ќе оди понатаму во борба за медалите, судија нѐ „сечеше“ на секој чекор, само ние да загубиме. Судеше надвор од сите критериуми. Целта беше јасна – да не одиме понатаму, зашто требаше во разигрувањето за медалите да се сретнеме со домаќинот СССР, кого во Франција на Европското првенство една година порано го победивме со 3-2. Конечно, кренавме раце и едвај чекавме да дојде крајот. Бевме поразени, па, така, на домаќините им олесна, зашто тие стравуваа најмногу од нас. На крајот завршивме на 6-то место, откако во борба за петтото загубивме од Бразил, кого, пак, претходно во групата го совладавме. Сите почувствувавме дека се заборава спортскиот ферплеј и се игра нечесно, но немавме друг избор. Бевме немоќни да се спротивставиме на неправдата што ни беше нанесена на Олимпијадата – вели Панта.
Тоа беше тажното сеќавање на Србиновски за единствениот олимписки настап. Југословенската репрезентација, која во 1977 година беше селектирана од Бранко Томиќ, ги исполни очекувањата на спортската јавност.

Покрај големиот успех остварен на Европското првенство во Франција во 1979 година, кога вторпат беше освоен бронзениот медал и пласманот на Олимпискиот турнир, четвртата година откако настапуваше овој состав беше освоен и првиот златен медал на Балканските првенства.

Така беше разбиен малерот од сите претходни години, кога југословенскиот тим завршуваше на второто или на третото место. Триумфот во Ново Место во 1981 година беше мала утеха за судиската неправда доживеана на Олимпијадата.
Меѓутоа, првиот златен медал од балканијадите значеше нов момент во југословенската репрезентативна одбојка, бидејќи најпосле, по многу години, Југославија застана на највисокото место на пиедесталот на Балканот, кое дотогаш беше резервирано за одбојкарските велесили Романија и Бугарија. По настапот на Балканијадата, полека доаѓаше и крајот на репрезентативната кариера на Горан Србиновски.

– Бевме навистина една репрезентација составена пред сѐ од другари, кои меѓусебно се почитуваа и заедно делеа и добро и лошо. Бевме една од најдобрите и најуспешни генерации на југословенската одбојка, која внесе многу новини во играта. Можеби поради тоа што ги напуштивме старите стереотипи бевме интересни за гледачите. Денес на пример Србија продолжува по тој пат и е многу успешна на светската одбојкарска сцена – заклучува Србиновски

Четирите репрезентативни години брзо поминаа. Србиновски се раздели од Вардар и заедно со Богоевски замина во Белгија. Неговата меѓународна кариера беше успешна, тој имаше педигре на југословенски репрезентативец, што, пак, секаде му ја отвораше вратата.

Периодот поминат во Белгија значеше ново искуство. Тој брзо се адаптира на условите и секогаш даваше максимум. Меѓутоа, потрагата по нешто ново постојано го предизвикуваше.

Така, по Белгија реши да замине во Италија, одбојкарска нација во која шампионатот е на високо ниво и тука успеваат навистина најквалитетните одбојкари. Србиновски и тука се снајде, но, сепак, носталгијата го влечеше да дојде дома и повторно да заигра за Вардар.

„ИЗИГРАН“ ОД УПРАВАТА НА ВАРДАР

Враќањето на Србиновски во Вардар со радост беше примено од многубројната армија навивачи. Сите знаеја какво засилување ќе биде тој за екипата на Вардар, која настојуваше да се врати на патеките на старата слава. Но, како што тоа често се случува кај нас, работите се изјаловуваат, а желбите и посакувањата потонуваат.

– Раководството на клубот ме уверуваше дека ќе биде сѐ во ред, дека ситуацијата е консолидирана и дека ќе ми бидат исполнети сите услови од она што беше договорено. Јас им поверував на луѓето што не беа „вчерашни“ и долго беа во одбојката. Тие ми беа и пријатели уште од поранешните години. Мислев дека ќе има заемно почитување, но многу се измамив. Од договореното, ништо не беше реализирано. Така, разочаран, во 1987 година решив да се збогувам со одбојката, спорт што ја исполнуваше мојата младост и кој ми носеше многу радости. За мене ќе останат незаборавни годините поминати во Вардар, со онаа извонредна генерација од пред 80-тите години на минатиот век, кога претставувавме навистина сила во југословенската одбојка. Исто така, ќе ги паметам и настапите и резултатите со сениорската репрезентација, која во истиот период ги бележеше историските успеси – вели Србиновски.

Името на Горан Србиновски-Панта останува запишано во македонската спортска, не само одбојкарска историја. Тој е великан на спортското друштво Вардар и на Македонскиот олимписки комитет (МОК). Двете признанија многу му значат и ја потврдуваат неговата големина како спортист, кој се издигнал до легендарните височини.


Горан Србиновски
Роден: во 1956 година во Ваљево
Кариера: ОК Скопје, ОК Вардар, интернационалец во Белгија и во Италија, сениорска репрезентација на Југославија
Успеси: шампион со Вардар и освојувач на Купот на Југославија, бронзен медал од ЕП во 1979 година, златни медали од Медитеранските игри во Сплит во 1979 година и од Балканскиот шампионат во Ново Место во 1981 година, сребро и бронза од БШ, учесник на Олимпијадата во Москва, 105 настапи за сениорската репрезентација на Југославија

Србиновски (втор од лево) пред еден натпревар