Судбината на Македонија – историја на идентитетско препознавање

Идентитет, меморија, заборав (5)

Негирањето на македонската нација од страна на бугарските историчари, дека станува збор за „вештачка творба“, претпоставува дека тие, Бугарите, се „природна творба“, со што ја прави бесмислена расправата, историографијата е обесчестена, национализмот е подигнат на ниво што ги разорува нормалните текови и односи.

Заедничкото сеќавање што го делат припадниците на групата овозможува кохезија и формирање групен идентитет, односно доведува до формирање заедница. Во суштина, нацијата на тој начин „допира до своите членови“ во заедницата, во споделувањето на приказната за себе, каде што се формира и чувството за национална припадност, иако никогаш мнозинството од припадниците на задницата нема меѓу себе да контактира или се запознае. И тоа е тој критериум што ги разликува нациите едни од други. Нацијата може да се оствари како замислена заедница само ако ја измисли традицијата, без што нема нација. Но како да го разбереме клучниот момент во толкувањето на колективните сеќавања?

Секој има право на своја приказна

Историјата на македонскиот народ последните стотина години е преполна со различни толкувања на колективната меморија или, како што ќе рече Мекдоналд, со концептот на колективното сеќавање може да се објасни начинот на кој минатото „станува ресурс во борбите што се водат во сегашноста“. Владејачките групи се обидуваат и многу од нив успеваат да ја присвојат доминантната улога во дефинирањето на историските случувања или, како што ќе рече Бауман, „тоа е една група на военото поле на меморијата“ низ кое, тоа се случува често, некои периоди од минатото се толкуваат во интерес на групата, која ги има моќта и власта во свои раце. Минатото не може да се менува, но може да биде различно интерпретирано и секој да биде во право, вистината е неостварлива, секој има право на своето минато и право на своја приказна за тоа, историјата е недовршен разговор со минатото, дијалогот никогаш нема да заврши. И, ако нема соодветно минато, тоа ќе биде измислено, толкувањата може да бидат различни, но тие не трпат импровизации и не може да бидат произволни. Сеќавањето и заборавањето не се едноставни реконструкции на минатото, туку многу повеќе од тоа – тие се и во исто време „конструкции на нова стварност“. За нацијата и етничката група е неопходно хомогено минато, кое не се дели со другите. Се разбира, има по нешто заедничко, но тоа не би требало да ја наруши претставата за себеприпадност. Без тоа не е можно да се формира идентитетот. Заедничкото минато го засилува континуитетот на групата и нејзината интегрираност. Нема идентитет без континуитет. Традицијата, јубилеите, празнувањето, церемониите го обезбедуваат континуитетот на постоењето на идентитетот на групата.

Последните години, како впрочем и многупати во минатото, од средината на 19 век до денес, не само од историчарите и интелектуалците, ќе слушнеме дека судбината на Македонија (се согласуваме со Миронска-Христовска), се решава на разни конференции, мировни договори итн. без почитување на желбата на македонскиот народ. Во оваа пригода не би навлегувале подлабоко во историјата, во она што е несомнено и без разлика кој како тоа денес го интерпретира, од Барлинскиот конгрес (1878), Балканските војни и Парискиот мировен договор, ставот на Коминтерната (1934), која со резолуција го признава постоењето на различна македонска нација и јазик и инсистира на создавање независна македонска држава. Потоа, вториот Илинден (1944), но и третиот Илинден (1991), со распадот на југословенската федерација и осамостојувањето и формирањето независна македонска држава и, најпосле, Преспанскиот договор со Република Грција (2018) и договорот со Република Бугарија, кога се интензивира не само расправата за идентитетот туку се говореше и за иднината на државата (за светлата иднина, за договор за иднината, но и за капитулантски договор и слично).

Има разлика – Македонци и Бугари

Во колективната меморија на Македонците, Илинденското востание е клучен настан и тука е сублимиран дел од суштината на спорот со Бугарија за карактерот на ова востание. Интерпретацијата на историските факти е директно фокусирана на идентитетските прашања. Ако нив ги ставиме во сферата на еден не толку строг конструктивистички пристап, не сме далеку од заклучокот дека процесот на формирање национална свест кај Македонците не е различна од другите, се мисли во однос на бугарската, е сосема во духот на историските случувања или, со зборовите на Гуно, нацијата не е ништо друго туку „уникатна комбинација на историски дадености“.

Минатото не може да се менува, но може да биде различно интерпретирано и секој да биде во право, вистината е неостварлива, секој има право на своето минато и право на своја приказна за тоа, историјата е недовршен разговор со минатото, дијалогот никогаш нема да заврши

Ако свесно се ограничиме на тоа дека историските факти ги разбираме само во духот на времето кога се случуваат и ако се враќаме назад во времето, тогаш сигурно дека анализата ќе нè одведе на слепа улица. На пример, ако во затворот „Једи куле“ Павел Шатев, учесник во солунските атентати, утврдил постоење на луѓе што се „чувствувале само Бугари“ и други што се сметале како Бугари по ,„националност“, но „пред сè Македонци“, тоа е пример за идентитетска диференцијација во духот на тоа време. Во суштина, негирањето на македонската нација од страна на бугарските историчари, дека станува збор за „вештачка творба“, претпоставува дека тие, Бугарите, се „природна творба“, со што ја прави бесмислена расправата, историографијата е обесчестена, национализмот е подигнат на ниво што ги разорува нормалните текови и односи.

Прашањето е како во сегашниот момент идентитетските прашања да бидат доволна инспирација да се погледне во иднината и како фрустрациите кај соседите да бидат доволно културно структурирани во име на добрососедство и интеграција во европското семејство на народи, како на военото поле на меморијата да завладее период на толеранција и разбирање? Дали уцената ќе биде доволно ,,атрактивна“ да се проголта за да се закопа долгогодишниот спор и да започне процес на интеграција во ЕУ, а притоа да се излезе со разбирање на идентитетот на Македонците со прифатлив степен на достоинство. Комисиите имаат една добра страна – често согласноста во решавањето на прашањата трае бесконечно, а тоа добро го знаат бугарските политичари и историчари.

Фото: Игор Бансколиев

(продолжува)