За да остварат некаков профит, некои од земјоделците се одлучуваат производот на нашиот пазар да го продаваат на црно, а тие што сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави, да продаваат за средства што се исплаќаат веднаш

Ненавремен откуп и ниски откупни цени за скапо произведени, неконкурентни производи што се одгледуваат неорганизирано, се проблемите поради кои веќе неколку години македонското земјоделство бележи намалување на откупот и на продажбата на своите производи. Според податоците на Државниот завод за статистика, за 4,4 отсто се намалени откупот и продажбата на земјоделските производи во второто тримесечје од годинава во споредба од истиот период лани. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 14 отсто, а кај продажбата од сопствено производство намалување за 16,5 отсто.
Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува намалување во април и мај, додека во јуни е забележано зголемување на вредноста.

Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, постојано во советите и во стратегиите се промовираат организираното и договорното производство, со кои би се постигнале поголема стандардизација во квалитетот и квантитетот на нашиот земјоделски производ.

– Сега овие статистички показатели ни покажуваат какви лоши појави можат да се создадат од добронамерните стратегии. Сета кривица за овие збунувачки податоци паѓа на откупувачите, кои наместо да го откупуваат вишокот производи и да го насочуваат производството кон бараните сорти и европски стандард, тие се претворија во организиран монопол, кој систематски ги тероризира земјоделците со ниски откупни цени и на сите начини спречува доаѓање на конкурентски откупувачи – објаснува Станковски.

Тој потсетува дека живееме во век на Интернет и дека земјоделците не се необразовани, а честопати се со високо образование од правни и од економски науки, така што лесно доаѓаат до податоци за откупните цени во соседните земји, за малопродажните цени во трговијата, евентуални ценовни осцилации…

– Резултатите се поразителни. При исти цени во соседството, кај нас цените драстично паѓаат. Намалувањето на откупот од индивидуалните производители доведува од ниски откупни цени за скапо произведени производи – вели Станковски.

Според него, оваа ситуација е алармантна, а како што вели, загрижува и фактот што субвенциите не се помош за земјоделците, туку само механизам за компензирање на загубите што ги трпат земјоделците од откупувачите.

– Излезот од оваа состојба е многу тежок. За да остварат некаков профит, некои од земјоделците се одлучуваат производот на нашиот пазар да го продаваат на црно, а некои што сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави, да го продаваат за средства што се исплаќаат веднаш – објаснува Станковски.
Тој додава дека искуствата на странските откупувачи во таа авантура се застрашувачки.

– Наместо нашето јагне да се продаде по нормална цена од 160 денари и грозјето по 16 денари, со веднаш исплатени пари, на странските откупувачи им се одмилува секоја секунда помината во Македонија, поради создадените пречки од страна на државата. Тоа ги спречува да дојдат и да го откупат нашиот производ по нормална цена. И на крајот на земјоделците им останува да го дадат својот производ за многу ниска цена, а потоа да ги чекаат субвенциите што ќе им ги компензираат дел од загубите – појаснува Станковски.

Според земјоделците, ваквата состојба се должи и на намалените засадени површини, на увозот на некои земјоделски култури и на заминувањето на младите од државата што се одразува на квантитетот на производството Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци, вели дека нема рурална средина каде што може да се најде млад човек како работи на земјоделска површина кај некој земјоделец.

– Овој проблем не е од сега. За оваа проблематика разговаравме и претходно со надлежните, бидејќи од година на година сѐ помалку млади сакаат да работат во земјоделството иако дневницата не е мала – објаснува Тантаров.
Тој додава и дека се подобрени условите и создадени се нови можности за развој на земјоделството така што очекува дека за неколку години, луѓето наместо да работат по продавници, ќе ги искористат субвенциите и ќе почнат да се враќаат во агробизнисот.

Сепак, во моментов, како што посочуваат земјоделците, некои од парцелите се мали и расцепкани.

Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, земјоделската површина изнесува 1.266.008 хектари, од кои обработливата површина е 516.870 хектари, и е намалена за 0,1 отсто во споредба со 2016 година.
Претседателот на „Агрофаланга“ смета дека за вистински ефикасно решавање на сите овие проблеми, потребно е градење стратегија за која решенија ќе понудат и претставниците од власта, невладиниот сектор, земјоделците и високообразовните институции, во спротивно агонијата со намалено обработување на земјоделското земјиште ќе продолжи.