Стратегиските приоритети на Русија

Додека ЕУ се подготвува за новото раководство оваа есен, а американскиот претседател Доналд Трамп штотуку ја започна својата кампања за реизбор во 2020 година, рускиот претседател Владимир Путин седи стабилно во својата фотелја со мандат што се протега до 2024 година. Но што точно има намера да направи Путин во наредните пет години во Кремљ?

Како и лидерите на сите поголеми сили, така и руската елита мора редовно да се обидува да ја прогнозира иднината за да ги обликува стратегиските приоритети на државата на начин што ги предвидува можните предизвици. САД прават такви процени на секои четири години под раководство на Националниот совет за разузнавање. ЕУ го прави тоа на секои пет години и штотуку објави полунезависна студија за можните глобални трендови до 2030 година.

Во случајот со Русија, геостратегиското предвидување е една од активностите на полуофицијалниот институт за светска економија и меѓународни односи „Примаков“ (ИМЕМО), кој ги објави своите глобални прогнози за 2035 година. Општо земено, неговата процена на идните трендови е слична на онаа на САД и на ЕУ. Извештајот е интересен токму во процената на импликациите за Русија. Авторите идентификуваат неколку стратегиски дилеми со кои ќе се соочи земјата.
На пример, според извештајот, врвниот приоритет на Русија е „зачувување и подобрување на позицијата во светската хиерархија на моќ и одговорност“. Но постигнувањето на тоа ќе бара „структурна реконструкција на руската економија“. Тоа значи дека без далекосежни економски реформи (или, како што велат авторите на извештајот – „радикални промени“), руската меѓународна положба речиси сигурно ќе се намали.

По дискусијата за економската состојба на Русија, што не е мала работа, извештајот се осврнува на голем број сложени геостратегиски прашања. Авторите очекуваат „неизбежен долг политички конфликт со Западот во врска со улогата на Русија на постсоветскиот простор, пред сѐ во дефинирањето на иднината на Украина и соседните територии“. Во блиска иднина, таквите тензии ќе ја натераат Русија да се сврти кон Кина и кон Истокот, заклучуваат аналитичарите.

Импликацијата е дека авторите не гледаат можни решенија за конфликтите што ги создаде Русија во обидите да го поткопа суверенитетот на соседите. Студијата едноставно зема здраво за готово дека Кремљ ќе продолжи да ги следи реваншистичките политики во странство и покрај очигледното негативно влијание на агресивното однесување врз меѓународната положба на Русија и домашната економија. Божем руските нелегални упади во Грузија и во Украина се само историски прашања, па затоа не бараат никакво решение во сегашноста.

Што се однесува до приближувањето кон Кина, ова е белег на надворешната политика на Кремљ, барем откако анексијата на Крим во март 2014 година ги предизвика западните санкции. Путин годинава го посети кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, а Си се сретна со Путин во Москва и во Санкт Петербург.

Проблемот, како што покажува студијата ИМЕМО, е дека спроведувањето на потесна соработка со Кина не е навистина остварлива опција за обезбедување долгорочен развој на Русија. „На долг рок“, истакнуваат авторите, „соработката со Кина и со другите азиско-пацифички земји не може да стане стратегиска алтернатива на соработката со Западот“. Според тоа, авторите веруваат дека Кремљ треба да ги насочува своите напори кон „сопствената агенда за можна активна соработка“ со Европа и со САД.
Значи, резултатот е дека Русија не само што не успеа да се модернизира како што треба, таа, исто така, влезе во регионални конфликти што предизвикаа криза од која зависи нејзиниот развој. Ова ја принуди Русија да се потпре на Кина уште повеќе, иако знае дека станува помлад партнер на својот источен сосед, што не е пожелен пат напред. На еден или на друг начин, Русија мора да најде можност да ги врати односите со Западот. Ова не може да се случи веднаш, со оглед на тоа што конфликтот во Украина останува жив проблем, но мора да биде долгорочна агенда.
Очигледното решение за дилемата е да се признае дека конфликтот со Украина е огромна стратегиска грешка и да се побара чесна спогодба, но тоа веројатно е надвор од мандатот на ваквата студија.
Прашањето, се разбира, е дали самиот Путин ги сфаќа сериозно студиите на ИМЕМО и дали воопшто ги чита. Искрено, се сомневам во тоа. Најверојатно, неговото внимание го привлекуваат краткорочните безбедносни процени. Сепак, забележливо е што една почитувана полуофицијална институција со силна поддршка меѓу влијателните членови на руската елита излезе со таков извештај. Иако нејзиниот јазик е често претпазлив и нејасен, сепак станува збор за јасна критика на целосниот пристап на Путин.

Уште повеќе, ИМЕМО е апсолутно во право: Русија создаде ситуација во која нејзината глобална положба би можела да се влоши. Континуираните конфликти со своите соседи на сметка на нејзиниот однос со Западот неизбежно ќе ја спречат да спроведе економска модернизација и развој. Без силна економска основа, таа нема да може да обезбеди респектабилна „позиција во светската хиерархија на моќ и одговорност“, која се чини е толку важна за Путин.

Авторот е бивш премиер и министер за надворешни работи на Шведска