Јубилејот „100 години од раѓањето на архитект Борис Чипан“ ќе биде одбележан со низа настани денеска во вилата „Уранија“ на МАНУ во Охрид. Манифестацијата почнува напладне со поздравен говор на Јован Стојановски, градоначалникот на Охрид, академик Газанфер Бајрам и Огнен Марина, декан на Архитектонски факултет и продолжува со предавања на Михаилчо Токарев, Мартин Гулески и на Михајло Волканов. Вечерта во 20 часот ќе биде отворена изложбата „100 години Борис Чипан“.
Прославата на јубилејот е во организација на Архитектонскиот факултет, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, општината Охрид, Музејот на градот Скопје и Македонската академија на науките и уметностите.
Архитектот Борис Чипан (1918 – 2017) е еден од најзначајните автори на архитектонската модерна во Македонија. Неговата професионална и животна патека зазема едно од најзначајните места во историјата на македонската современа архитектура, како творец што еднакво суверено се реализира во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, архитектонското образование и архитектонската публицистика.
Борис Чипан е роден и израснат во Охрид, спрема кој чувствува огромна љубов, од кој ја црпи инспирацијата и на кој ќе му се навраќа целиот свој живот. Средно образование завршил во Белград, студирал архитектура на Техничкиот факултет, архитектонски отсек во Белград каде што и дипломирал.