Менаџерот на Астон вила, која во плејофот ќе игра против Фулам, досега четирипати предводел тимови од понизок во повисок ранг, од Чемпионшип во Премиер-лигата

Фулам и Астон вила, трето и четвртопласираните тимови во Чемпионшипот, во финалниот плејоф-меч, наречен и најскапиот фудбалски меч, на 26 мај на стадионот „Вембли“ ќе разигруваат за пласман во англиската Премиер-лига.
Астон вила одигра нерешено, 0-0, против Мидлсбро на „Вила парк“, но благодарение на победата на гости од 1-0 минатиот викенд обезбеди настап во финалето. Фулам, пак, во реваншот го совлада Дерби каунти со 2-0 и ја надомести негативата од 0-1 од првиот меч.

Астон вила решавачкиот меч ќе го игра на 36-годишнината од освојувањето на титулата европски првак, прва и единствена во клупската историја (во финалето во Ротердам, во 1982-та беше совладан Баерн со 1-0).
Менаџерот на Астон вила, Стив Брус (57), е на најдобар пат да ја потврди репутацијата на „специјалист“ за внесување тимови од Чемпионшипот во Премиер-лигата. Досега тој четирипати (двапати со Хал и двапати со Бирмингам сити) успевал да се пласира во повисок ранг со тимовите што ги предводел како менаџер, што е рекорд во оваа категорија.
Во сезоната 2015/2016, Хал под водство на Брус заврши на четвртата позиција во Чемпионшипот. Во плејофот најпрвин го елиминира Дерби каунти (3-0 и 0-2), а во финалето на „Вембли“, Шефилд вензди (1-0).

Три сезони претходно, во 2012/2013, Хал, кој пред почетокот на првенствената кампања беше сметан за аутсајдер, со Брус на клупата го освои второто место во Чемпионшипот, што значеше директен пласман во Премиер-лигата.
Десетина години наназад, во сезоната 2006/2007, Бирмингам како второпласиран во Чемпионшипот предводен од Брус си обезбеди пласман во Премиер-лигата. Во 2001/2002, Бирмингам пак со Брус беше петти во регуларниот дел од сезоната, но во плејофот во мечот што се одигра во Кардиф, Велс, беше подобар од Норич (4-2, пенали).

Финалниот плејоф-натпревар го сметаат за еден од најскапите, највредни во фудбалскиот свет. Победникот, односно тимот што во следната сезона ќе се натпреварува во Премиер-лигата, од ТВ-правата и од другите комерцијални договори ќе заработи околу 100 милиони евра. Пари ќе се слеат во касите на клубовите и во случај тие уште по првата сезона да испаднат од Премиер-лигата. Станува збор за пари од т.н. заштитен фонд за наредните две сезони (ако клубот се врати во Премиер-лигата плаќањето престанува), кои би требало да му помогнат на клубот да се стабилизира во новонастанатите околности. Во првата сезона по испаѓањето клубовите ќе добијат по 40 милиони фунти (45,6 мл. евра), односно 35 мл. фунти во втората сезона (40 мл. евра).