За терените на Вимблдон секоја година се употребуваат девет тони семе, а потребни се околу 15 месеци за да се подготви стандарден гранслем-терен со трева, која не смее да е повисока од осум милиметри

Надалеку познатите тревни терени на Вимблдон на кои се играат натпреварите на најпознатиот светски тениски гранслем-турнир, годинава се чистат и со водена пареа за да се уништат бубачките што може да се скријат под тревата и да ѝ наштетат. Стерилизирањето со пареа од 70 степени се врши во паузата меѓу натпреварите.
Човекот задолжен за терените и за хортикултурата во „Сеанглискиот тениски клуб“, Нил Стабли (49), ја објаснува техниката што во хортикултурата се користи стотина години и која е користена и во фудбалскиот свет.
– На температура од 70 степени знаеме дека е уништено сѐ што е слично на спори или штетници што можат да живеат во почвата и со тоа добиваме целосно чиста тревна површина. Ние сме многу внимателни при употребата на пестицидите и сега почнуваме да бараме алтернативни начини за грижа за тревата и за справувањето со плевелот, штетниците и болестите. Стерилизацијата со пареата е дел од нашето годишно одржување на терените, а една од убавите работи во тоа е што нема никаков несакан ефект – вели Стабли, додавајќи оти пареата се пумпа во дупките на терените на Вимблдон.

Ваквата техника веќе е користена на терените со броевите 5, 8, 9, 10, 11, 12, 18 и на централниот. Годинава тоа треба да се случи и на терените со броевите 1, 3, 4, 6 и 7.
Потоа тревата на терените се коси со специјална машина, по што тие се подготвени за понатамошна употреба. За терените на Вимблдон секоја година се употребуваат девет тони семе. Потребни се околу 15 месеци за да се подготви стандарден гранслем-терен со трева, која не смее да е повисока од осум милиметри за време на одигрување на мечевите. Тврдоста на секој терен се тестира 25 пати дневно од персоналот на Вимблдон.

Критиките на тенисерите за состојбата на терените се уште еден предизвик со кој се соочува Стабли.
– Има и такви работи, ова е спорт. Во фудбалскиот свет, на пример, Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, минатата сезона се жалеше дека тревата е превисока, или дека е премногу сува, или дека ветерот дувал во погрешна насока. Ние ги подготвуваме терените и се обидуваме да обезбедиме исти услови на 38-те терени – вели Стабли.

Стабли вели дека перцепцијата оти „брзината“ на терените на Вимблдон е забавена последниве години може да им се припише на промените во технологијата на изработката на рекетите и на различните стилови. Тој ја истакнува и важноста за стандардизацијата на терените, што вклучува координирање со другите клубови што имаат тревни терени.
– Нема поента да има различни тревни терени. Тоа не им помага на играчите, затоа е потребно на сите терени да има слични услови, за тенисерите да се чувствуваат поудобно уште пред да стигнат тука – вели Стабли.


Само осум градинари во 133-годишната историја на „Сеанглискиот тениски клуб“

Нема тајни во правењето совршен тревник, вели Нил Стабли, кој е задолжен за терените на Вимблдон и чиј тим од 16 лица со полно работно време се грижи за 18-те терени на кои се играат мечевите на гранслем-турнирот во тенис, плус уште 22 за тренинг. Тој вели дека користат најсовремена опрема, но и алатки што ги има во сите градини, како лопати, гребла и стандардни косилки.
– Тие можат да завршат одлична работа ако се придржувате на златните правила за добри тревници: хидратација, хранење, светлина и воздух. Вода редовно, нанесете малку ѓубриво, а важно е да се коси тревата најмалку еднаш неделно. Како и сѐ во животот, колку повеќе време се грижите за нешто, толку подобри ќе бидат и резултатите – вели Стабли.
Стабли му се приклучи на „Сеанглискиот тениски клуб“ како почетник во 1995 година, по завршениот тригодишен курс по хортикултура. Тој работел под надзор на Еди Сивард, кој бил главен за терените и за хортикултурата на Вимблдон 22 години, пред да ја преземе неговата улога во 2012 година. Тој е осмиот во таа улога, од првиот турнир на Вимблдон во 1877 година.